text size
Извршниот директор Марк Закерберг изјави дека компанијата „Мета“ (Meta Platforms Inc.) минатата година морала да се обврзе на трошење стотици милијарди долари за инфраструктурата потребна за функционирање на нејзините производи засновани на вештачка интелигенција (ВИ), и тоа пред воопшто да знае дали тие производи ќе бидат успешни.
„Мораме да потпишеме чек на, да речеме, не знам, 100 или 200 милијарди долари“, рече Закерберг во поткастот ЧП (Cheeky Pint). „Дали си сигурен дека ова ќе успее?“, се присети дека го прашал Александар Ванг, главниот директор за вештачка интелигенција.
Станува збор за признание што открива многу за компанијата, која се мачи да ги убеди инвеститорите да ги прифатат нејзините вртоглаво растечки трошоци поврзани со амбициозните вложувања во вештачката интелигенција. Закерберг повеќепати истакнуваше дека овие инвестиции ќе се исплатат, но акционерите сè повеќе се загрижени за способноста на „Мета“ (Meta) да оствари приходи и добивка со посакуваното темпо.
За време на разговорот со водителот Џон Колисон, кој траеше повеќе од два часа, Закерберг и Ванг открија дека финансиската директорка на „Мета“, Сузан Ли, во повеќе наврати предупредувала дека цената на неуспехот би била огромна. „Мислам дека Сузан малку те исплаши“, рече Закерберг.
„Секојпат кога разговаравме за тоа, шегата беше во стилот: ‘Да, и се надеваме дека сè ќе успее и добро ќе заврши’“, се присети Ванг. Освен што можел да даде „општа процена на впечатокот“ за насоката во која се движел тимот, тој не можел да гарантира успех, и покрај „неразумно големата“ сума на пари што компанијата ја вложувала. „Воопшто не беше јасно дали ќе успее тоа.“
Во понеделникот „Мета“ го претстави долгоочекуваниот нов модел на вештачка интелигенција, за кој тврди дека претставува голем напредок во однос на претходните верзии и дека поседува „напредни способности“ што, според зборовите на раководителите на компанијата, го ставаат на исто ниво со моделите ЧетГПТ (ChatGPT) на „Опен еј-ај“ (OpenAI) и Клод (Claude) на „Антропик“ (Anthropic PBC) кога станува збор за програмирање или решавање финансиски и правни прашања. Ова достигнување ќе биде своевиден тест што ќе покаже дали вложувањето на Закерберг од повеќе милијарди долари во реорганизацијата на тимот за вештачка интелигенција довело до доволен технолошки напредок за компанијата да може да им конкурира на водечките играчи на пазарот.
„Мета“ неодамна го претстави и Мјуз (Muse), својот персонализиран асистент со вештачка интелигенција, осмислен да автоматизира низа задачи за корисниците, вклучувајќи купување, набавка на билети за кино и закажување термини. Закерберг призна дека не бил сигурен каква ќе биде реакцијата на корисниците на Мјуз.
„Нашите очекувања во основа беа: ‘Добро, веројатно ќе мораме уште малку да го доработиме ова’“, рече тој.
Компанијата вложува стотици милијарди долари за да им конкурира на американските технолошки ривали - меѓу кои се „Алфабет“, „Опен еј-ај“ и „Антропик“ - во трката за развој на водечки модели и производи засновани на вештачка интелигенција. Таа е еден од најголемите инвеститори во технолошката индустрија кога станува збор за центрите за податоци за вештачка интелигенција.
Следната недела инвеститорите ќе добијат нов увид во финансиското работење на компанијата, кога таа ќе ги објави резултатите по затворањето на берзата на 21 октомври. Во претходниот квартал „Мета“ го забележа најнискиот слободен паричен тек во последните неколку години - што е последица на сè поголемите трошоци поврзани со центрите за податоци и паметните очила - поради што акциите паднаа за осум проценти.
Од почетокот на годината до крајот на тргувањето во средата вредноста на акциите порасна за повеќе од 12 проценти.