Компаниите „Енвидија“ (Nvidia Corp.) и „Адвенсд мајкро дивајсис“ - АМД (Advanced Micro Devices Inc. – AMD) се согласиле да ѝ плаќаат на владата на САД 15 отсто од приходите од продажбата на ВИ-чипови во Кина, во рамките на договорот за обезбедување лиценци за извоз, необичен договор што може да предизвика загриженост и кај американските компании и кај Пекинг.
Според лице запознаено со ситуацијата, „Енвидија“ планира да сподели 15 отсто од приходите од продажбата на својот акцелераторски ВИ-модел H20 во Кина. Истото лице додаде дека АМД ќе исплати ист процент од приходите остварени од продажбата на моделот MI308, барајќи анонимност за да може да зборува за внатрешните договори.
Договорот ја одразува доследната заложба на претседателот на САД, Доналд Трамп, да обезбеди финансиска корист за Америка во замена за отстапки во трговијата. Неговата администрација покажа подготвеност да ги олесни трговските услови, како што се тарифите, во замена за огромни инвестиции во САД – како што е ветувањето на „Епл“ (Apple Inc.) да потроши 600 милијарди долари за домашно производство. Но ваков тесно насочен, селективен извозен данок има многу малку преседани во современата корпоративна историја.
Прочитај повеќе

Владетелите на силициумот го преземаат тронот, а еден само што ги надмина легендите
Некои од водечките традиционални инвеститори годинава бележат пад на својата нето-вредност.
08.08.2025

Трамп најави 100 отсто царини на чипови, „Епл“ нема да биде опфатен
Целта е да се поттикне враќањето на технолошкото производство во земјата...
07.08.2025

САД ќе следат каде патуваат чиповите за вештачка интелигенција
САД истражуваат начини како да ги опремат чиповите со подобри можности за следење на локацијата, изјави висок функционер.
05.08.2025

Кина најави како ќе се бори против американскиот монопол над вештачката интелигенција
Целта е технологијата да не стане привилегија само на неколку земји и корпорации...
27.07.2025

Шефот на „Енвидија“: Кинеската вештачка интелигенција е светска класа
Џенсен Хуанг најави дека „Енвидија“ наскоро ќе добие лиценци за извоз на моќни чипови во Кина.
17.07.2025
Пекинг, кој сѐ поотворено се спротивставува на идејата кинеските компании да го користат моделот H20, веројатно нема да ја прифати идејата за данок на чипови. Јујуантантиен (Yuyuantantian), профил на социјалните мрежи поврзан со државната Кинеска централна телевизија (China Central Television – CCTV), која редовно ги пренесува ставовите на Пекинг за трговијата, во неделата остро ги критикуваше наводните безбедносни слабости и неефикасноста на чипот.
„Овој наводен договор за заемни отстапки (quid pro quo) е без преседан од перспектива на контролата на извозот. Договорот ризикува да ја поништи аргументацијата за национална безбедност врз која се темелат американските извозни контроли“, изјави Џејкоб Фелдгојс, истражувач во Центарот за безбедност и нови технологии, со седиште во Вашингтон.
Тој додаде дека „веројатно ќе ја поткопа позицијата на САД при преговорите со сојузниците за спроведување комплементарни контроли“. „Сојузниците можеби нема да им веруваат на американските креатори на политики ако се подготвени да ги жртвуваат истите грижи за националната безбедност во замена за економски отстапки, било од американски компании било од странски влади“, рече тој.
Портпарол на „Енвидија“ изјави дека компанијата ги почитува американските правила за извоз, додавајќи дека, иако веќе со месеци не испорачува чипови H20 во Кина, се надева оти правилата ќе им овозможат на американските компании да бидат конкурентни на кинескиот пазар. АМД не одговори веднаш на барањето за коментар.
Весникот „Фајненшл тајмс“ (The Financial Times) претходно ја објави оваа информација. Тоа следуваше по одделен извештај на истиот медиум дека Министерството за трговија минатата недела почнало да издава лиценци за H20, само неколку дена откако извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, се сретна со Трамп.
Хуанг долго и упорно лобира за укинување на рестрикциите, тврдејќи дека изолирањето на Кина само ќе го забави ширењето на американската технологија и ќе ги охрабри локалните конкуренти како „Хуавеј“ (Huawei Technologies Co.).
„Тоа е стратешка преговарачка алатка“ што ја зацврстува контролата на Вашингтон врз клучна технолошка сфера за време на трговските преговори со Кина, изјави Хебе Чен, аналитичарка во „Вантиџ маркетс“ (Vantage Markets) во Мелбурн.
„Со текот на времето оваа пречка за влез на чипови во Кина веројатно ќе ги одврати ’Енвидија’ и АМД од подлабока експанзија на најголемиот пазар во светот за увоз на чипови, додека на локалните кинески производители ќе им даде јасна предност да освојат пазарен удел и да го забрзаат домашниот развој на полупроводници“.
Доколку Вашингтон продолжи со воведувањето на данокот, дел од капиталот ќе се насочи кон САД, но не во значителен износ во релативни рамки. И „Енвидија“ и АМД изјавија дека ќе биде потребно време за повторно зголемување на производството на нивните производи специјално наменети за Кина, дури и ако нарачките се вратат на претходното ниво, што е неизвесно.
„Енвидија“ во фискалниот квартал што заврши на 27 април оствари приход од 4,6 милијарди долари од моделот H20, само неколку дена откако беа воведени нови рестрикции за испорака на овој ВИ-акцелератор во Кина.
Компанијата исто така соопшти дека, поради новите правила, не успеала да испорача чипови H20 во вредност од 2,5 милијарди долари на кинескиот пазар во истиот период. Тоа значи дека продажбата на H20 во Кина би надминала 7 милијарди долари во кварталот. Доколку компанијата се врати на тоа ниво, владата на САД ќе добива околу една милијарда долари по квартал од овој договор.
Според процените на „Морган Стенли“ (Morgan Stanley), АМД би можела да оствари приход од 3 до 5 милијарди долари во 2025 година доколку рестрикциите бидат укинати. Кинеските алтернативи, како чиповите Ascend на „Хуавеј“, сега задоволуваат 20-30 отсто од домашната побарувачка, проценува банката.
„Владата на САД очигледно има потреба од пари, имајќи ги предвид буџетските дефицити и желбата да наплаќа царини“, изјави Веј-Серн Линг, управен директор во „Јнион банкер“ (Union Bancaire Privee) во Сингапур.
„Но проблем се обвинувањата од Кина дека чиповите H20 содржат скриени пристапи, што би можело да биде преговарачка тактика за да се покаже дека земјата не е ‘во тесно’ поради недостиг од американски чипови“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...