text size
Додека најголемиот дел од трката во вештачката интелигенција (ВИ) се води околу чиповите, капиталот и пристапот до компјутерска моќ, неколку стартапи од Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) се обидуваат да се вклучат таму каде што технологијата допрва се развива. Така, меѓу другите, „Клауд сити“ (Cloud City), „Укис ВИ“ (UkisAI), „Хораликс“ (Horalix) и „Роботикс“ (Roboticks) влегоа во програмите на компанијата „Енвидија“ (Nvidia) од сосема различни области: паметни градови, јазични модели, кардиологија и роботика. Меѓу последните вести во оваа област се најде и „Интраскоп“ (Intrascope), кој развива платформа што им овозможува на компаниите на едно место да го организираат користењето различни модели на ВИ.
Заедничко им е тоа што „Енвидија“ ги препознала како интересни нови иновации во различни индустрии. „Енвидија“ им овозможува пристап до инфраструктура, софтверски алатки и техничка поддршка, обезбедувајќи им начин побрзо да ги тестираат производите за кои во регионот тешко би имале исто ниво на компјутерски ресурси. Во споредба со претходната година, кога само еден стартап од регионот беше дел од оваа програма, зголемувањето на нивниот број е позитивен знак во поглед на квалитетот на регионалниот екосистем.
Две нивоа на пристап
„Енвидија инсепшн“ (NVIDIA Inception) е бесплатна програма за стартапи што развиваат производи засновани на ВИ. Нема класични групи ниту временско ограничување, не се зема сопственички удел, а на членовите им се нудат технички алатки, обуки, поволности за хардвер и софтвер и пристап до инвестицискиот екосистем. „Иновејшн лаб“ (Innovation Lab) е потесен круг: програмата трае 60 дена и е наменета за избрани членови на „Инсепшн“ кои добиваат пристап до компјутерската инфраструктура на „Енвидија“ и до експерти за развој и валидација на производи со ВИ.Токму во „Иновејшн лаб“ влезе „Укис ВИ“, тим што развива мали јазични модели со цел агентите за ВИ да можат да работат непрекинато со помала потрошувачка на компјутерски ресурси. Нивниот доказ за концептот Тесла 1 беше основа за прием во програмата. „Укис ВИ“ тврди дека нивниот модел, во задачите што агентите за ВИ ги извршуваат самостојно, може да се спореди со Кими К2.6, голем отворен модел на ВИ на компанијата „Муншот ВИ“ (Moonshot AI), наменет, меѓу другото, за сложени агентски задачи, иако Тесла 1 е дури 35 пати помал.
„Укис ВИ“ ги користи ресурсите на „Енвидија“ за тренирање модели, изработка на збирки податоци и тестирање. Директорот на „Укис ВИ“, Јован Кис, за „Блумберг Адрија“ наведе дека бил примен во програмата откако покажал дека способностите на големите модели на ВИ може да ги пренесе на значително помали модели, дури и кога тие припаѓаат на различни семејства модели. Целта е помалите модели да ја задржат способноста за самостојно извршување сложени задачи, но со значително помалку компјутерски ресурси.
„Влеговме во програмата врз основа на доказ за дестилација на агентските способности на моделите меѓу различни семејства, во обем што претходно не бил докажан“, изјави Кис.
Прочитај повеќе
Пропаднал стартапот на поп-ѕвездата Селена Гомез, инвеститори ја тужат за измама
Поп-ѕвездата Селена Гомез е обвинета за измама од страна на инвеститори кои тврдат дека таа не ги исполнила ветувањата да ја искористи својата глобална слава за да го промовира својот стартап за ментално здравје.
13.08.2026
„Антропик“ преговара за купување на стартапот „Декарт“ за шест милијарди долари
Технологијата на „Декарт“ може да ѝ помогне на инфраструктурата на „Антропик“ да одговори на растечката побарувачка и да ги намали трошоците за тренирање ВИ.
13.08.2026
„Енвидија“ купи стартап основан од Mакедонецот Вања Јосифовски и Словенецот Јуре Лесковец
„Кумо АИ“ развива модели наменети за предвидување деловни настани.
04.06.2026
Стартап собра 450 милиони долари за комерцијализација на единствената докажана технологија за фузија
Износот на инвестицијата покажува колку расте интересот за фузијата.
15.02.2026
Основачите на „Укис ВИ“ во програмата „Фаундерс инк.“ во Сан Франциско, мај 2026 година.
Во текот на двата месеца колку што трае „Иновејшн лаб“, „Енвидија“ обезбедува инфраструктура за развој, тестирање и оптимизација, но по завршувањето на програмата стартапот мора да најде начин да го финансира понатамошното тренирање и работење на моделот.
Тоа отвора и пошироко прашање за регионалните компании за ВИ: Кој ја финансира компјутерската инфраструктура кога ќе заврши фазата на субвенциониран развој? „Клауд сити“ веќе наведува дека на Балканот е тешко да се најдат инвеститори подготвени да финансираат капитално интензивни „дип-тек“ (deep-tech) проекти, поради што новата рунда финансирање ја планира на пазари како САД и Блискиот Исток, додека „Укис ВИ“ веќе разговара со регионалните фондови за понатамошно инвестирање по „Иновејшн лаб“.
Покрај „Укис ВИ“ и „Клауд сити“, од српските стартапи во програмата влегоа и „Хексавера“ (Hexavera) и веќе споменатиот „Интраскоп“.
Од дупка на патот до ултразвук на срце
„Клауд сити“ решава сосема поинаков проблем. Неговите агентски системи ги поврзуваат компјутерската визија, сензорите и дигиталните близнаци за градовите автоматски да препознаваат оштетувања на инфраструктурата, непрописно одложен отпад или проблеми со паркирањето и да ги проследуваат работните налози до надлежните служби.
Стартапот наведува дека во пилот-проект во Белград го скратил времето потребно за откривање инфраструктурен проблем и негово проследување до надлежниот тим од еден ден на 15 минути. Во Подгорица, според податоците на компанијата, откривањето непрописно паркирани возила е забрзано повеќе од 25 пати.
Директорот на „Клауд сити“, Марко Шќепановиќ.
„Клауд сити“ е член на програмата „Инсепшн“ и смета на техничките ресурси, но и на пристапот до партнери и инвеститори додека се подготвува за нова рунда финансирање. Стартапот досега обезбеди 300.000 евра преку инвестиција од бизнис-ангел и уште 400.000 евра преку програми за поддршка.
Во истата програма на „Енвидија“ влегоа и два стартапа од Босна и Херцеговина поврзани со програмата „Текстарс Сараево“ (Techstars Sarajevo). „Текстарс“ е глобална акцелераторска програма, која неодамна дојде во регионот Адрија, а токму во БиХ најде партнери што можат да ја прошират регионално. „Хораликс“ развива софтвер што со помош на ВИ ги автоматизира мерењата од ултразвук на срцето и ги подготвува податоците што лекарот ги прегледува и потврдува. „Роботикс“ од Тузла развива платформа што им помага на компаниите за роботика да ги документираат тестовите и да им покажат на регулаторите дека нивните системи ги исполнуваат безбедносните барања.
Сепак, бесплатниот пристап до компјутерски ресурси има и деловна логика за „Енвидија“. Стартапите преку програмата се запознаваат со нејзиниот софтверски екосистем, вклучувајќи ги платформата КУДА (CUDA) и Тензор РТ (TensorRT), систем за оптимизација на работата на моделите на ВИ на графичките процесори на „Енвидија“. Колку повеќе производот зависи од таквата архитектура, толку преминувањето на конкурентски хардвер подоцна може да биде посложено и поскапо. Така, преку поддршката во раната фаза, „Енвидија“ добива потенцијални долгорочни корисници на своите чипови и софтвер.
Регионалната предност повеќе не е (само) цената на трудот
„Инсепшн“ е широка глобална програма, а членството не е исто што и инвестиција од компанијата „Енвидија“ или потврда за комерцијален успех. Поважен сигнал е видот на производи со кои регионалните тимови влегуваат во нејзиниот екосистем.
„Укис ВИ“ - колку и да е интересен пример - ќе мора постојано да ја докажува предноста на помалиот модел. Најголемите компании за ВИ веќе забрзано ги пренесуваат способностите на своите најголеми модели во помали и поевтини верзии. „Опен еј-ај“ (OpenAI) годинава ги претстави ГПТ-5.4 мини и нано за задачи кај кои цената и брзината се поважни од максималните перформанси, додека „Антропик“ (Anthropic) го позиционира својот Клод Хаику како побрза и поевтина алтернатива на поголемите модели. За „Укис ВИ“ клучното прашање е колку долго мал тим може да ја задржи предноста во односот меѓу перформансите, брзината и трошоците, додека најголемите компании за ВИ ги подобруваат своите модели во кратки развојни циклуси.
Повеќето стартапи и натаму ги градат своите производи врз основа на туѓи големи јазични модели, како Клод и ЧетГПТ, додека овие тимови се обидуваат да градат сопствени модели и да создаваат софтверска инфраструктура за градови, медицински софтвер и системи за роботика. Со тоа се менува и старата регионална технолошка теза заснована пред сè на продажба на поевтин инженерски труд.
За локалните основачи, пристапот до вакви програми може да го скрати патот до компјутерска инфраструктура, експертиза и инвеститори кои порано им беа подостапни на тимовите од поголемите технолошки центри. Во индустријата за ВИ, каде што цената на развојот сè повеќе ја одредува пристапот до компјутерска моќ, таа разлика може да биде поважна од географската локација.
.