„Епл“ (Apple Inc.) во средата објави ажурирање на софтверот за да се справи со проблемот со прегревањето што загрижи некои од раните купувачи на моделите „ајфон 15 про“.
Софтверската поправка, со назив iOS 17.0.3, е достапна во делот за ажурирање на софтверот на апликацијата за поставки на ајфон. Пораката што доаѓа со ажурирањето гласи дека тоа „обезбедува важни поправки на грешки, безбедносни ажурирања и се справува со проблем што може да предизвика ајфонот при користење да се затопли повеќе од очекуваното“. Ажурирањето е достапно и за постарите модели на ајфон, како и за ајпадите.
Прочитајте повеќе: Корисници се жалат дека новиот „ајфон 15 про“ се прегрева
Некои од првите сопственици на „ајфон 15 про“ објавија дека нивниот уред се загрева повеќе од нормално. „Епл“ во саботата за тоа го обвини лошиот код во апликациите, вклучувајќи ги Убер (Uber), Инстаграм (Instagram) и тркачката игра Асфалт 9 (Asphalt 9), а посочи и на грешката во софтверот на уредот. Компанијата соопшти дека нагодувањето на новиот уред може да го преоптовари процесорот и да доведе до прегревање.
И покрај шпекулациите, компанијата увери дека ажурирањето на софтверот нема да го забави новиот чип A17 про на „ајфон 15 про“.