Милијардерот Илон Маск рече дека ќе ги забрани уредите на „Епл“ (Apple Inc.) во неговите компании доколку софтверот за вештачка интелигенција на „Опен еј-ај“ (OpenAI) биде интегриран на ниво на оперативен систем, нарекувајќи ja најавената соработка безбедносен ризик.
Забелешките следуваа по вчерашната презентација од „Епл“ (Apple Inc.), кога производителот на ајфони најави дека со новото ажурирање на софтверот клиентите ќе имаат пристап до четботот ЧетГПТ (ChatGPT) на „Опен еј-ај“ преку дигиталниот асистент Сири (Siri). „Епл“ планира да ги имплементира можностите како дел од пакетот нови функции за вештачка интелигенција подоцна годинава.
Маск беше соосновач на „Опен еј-ај“, но имаше несогласување со стартапот од Сан Франциско. Тој изрази загриженост за безбедносните импликации од брзиот развој на технологијата за генеративна вештачка интелигенција, но исто така работи и на свој конкурент на ЧетГПТ.
„Ако 'Епл' го интегрира 'Опен еј-ај' на ниво на оперативен систем, тогаш уредите на 'Епл' ќе бидат забранети во моите компании“, напиша Маск на X, социјалната мрежа во негова сопственост. „Тоа е неприфатливо нарушување на безбедноста“.
Маск ги води „Тесла“ (Tesla Inc.) и „Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp). Тој исто така има свој стартап за вештачка интелигенција, наречен „Екс еј-ај“ (xAI), со четбот наречен Грок.
„Посетителите ќе мора да ги проверат своите уреди од 'Епл' на вратата, каде што ќе бидат складирани во кафез“, додаде тој, мислејќи на уред што ги блокира електромагнетните полиња.
„Епл“ не одговори веднаш на барањето за коментар.
За време на презентацијата на „Епл“, компанијата соопшти дека интеграцијата со ЧетГПТ ќе се случи на нејзините оперативни системи за ајфон, ајпад и мек подоцна годинава. Но исто така посочи дека податоците на корисниците нема да се следат и дека ќе има други мерки на претпазливост.
„Заштитата на приватноста е вградена кога пристапувате до ЧетГПТ во рамките на Сири“, се наведува во соопштението на „Епл“ во кое се објавува функцијата. „Барањата не се складирани од 'Опен еј-ај', а IP-адресите на корисниците се замаглени“.
Маск продолжи со острите зборови кон „Епл“ во понеделникот, велејќи дека компанијата не може да направи сопствена вештачка интелигенција и дека „нема поим што всушност се случува откако ќе ги предаде податоците на корисниците во 'Опен еј-ај'“.