Двете водечки американски компании во областа на вештачката интелигенција, „Енвидија“ (Nvidia) и АМД (Advanced Micro Devices / AMD), добија поддршка од американската влада да ги обноват своите продажби на специјално дизајнирани чипови за вештачка интелигенција (ВИ) во Кина. Оваа одлука претставува значаен пресврт во досегашната американска политика на технолошки ограничувања кон Пекинг, воведена со цел да се контролира развојот на кинеските капацитети за напредна вештачка интелигенција.
Според „Енвидија“ (Nvidia), американската администрација ќе издаде извозни дозволи за чипот Х20 (H20), специјално креиран да ги задоволи претходните ограничувања. Продажбата на овој модел беше замрзната во април, кога администрацијата на Доналд Трамп ги заостри трговските мерки. Обновувањето на извозот може да ѝ донесе на компанијата милијарди долари во изгубени приходи, бидејќи се отвора пат за испорака на претходно блокирани нарачки.
Истовремено, АМД соопшти дека добила слични уверувања од Министерството за трговија на САД и дека наскоро ќе ја обнови продажбата на својот МИ308 (MI308) чип за ВИ во Кина, штом дозволите бидат формално издадени.
Bloomberg
Овие настани доаѓаат во период на постепено затоплување на односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Последните неформални трговски разговори доведоа до олеснување на повеќе извозни забрани, вклучително и за софтвер за дизајн на чипови, во замена за поголем кинески извоз на ретки минерали, неопходни за високотехнолошко производство.
Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, кој моментално се наоѓа во Пекинг на државно поддржана конференција, ја потврди веста за одобрен извоз во интервју за ЦЦТВ (CCTV). Тој претходно ги критикуваше американските ограничувања како контрапродуктивни, тврдејќи дека тие ја засилиле позицијата на „Хуавеј“ (Huawei), главниот кинески ривал на „Енвидија“.
По објавите, акциите на АМД се зголемија до 8,5 отсто, а на „Енвидија“ до 5 отсто. Позитивен ефект беше забележан и на кинеските берзи – акциите на „Алибаба“ пораснаа за 6 отсто, а индексот Hang Seng Tech се зголеми за 2,2 отсто. Компании како „Дипсик“, „Алибаба“ и други кои развиваат генеративна ВИ, се меѓу клучните корисници на чиповите од „Енвидија“.
Според БИ (Bloomberg Intelligence), можноста за обновување на извозот на Х20 чипови може да ја врати компанијата на патот кон приближно 15 милијарди долари загубен приход за фискалната 2026 година, вклучително и 4–5 милијарди во втората половина од оваа година.
Овој развој доаѓа и покрај долгогодишната загриженост на американските власти дека напредната технологија за ВИ може да се користи во кинески воени апликации. Советникот за ВИ политика на Белата куќа, Срирам Кришнан, изјави во мај дека „постојат сериозни грижи околу тоа што се случува со чиповите откако ќе влезат во Кина“.
Хуанг, пак, контрира дека Кина не може долгорочно да се потпира на американски чипови кои можат да бидат ограничени во секој момент, и посочи дека загубата на пазарен удел на „Енвидија“ – од 95 отсто на околу 50 отсто – му користи директно на „Хуавеј“ и на домашната кинеска индустрија.
Иако дел од американските функционери остануваат резервирани, овие последни одлуки покажуваат дека економските интереси и реалполитиката добиваат сè поголема тежина во обликувањето на односите помеѓу двете најголеми светски економии.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...