Замислете свет во кој сложените пресметки што некогаш бараа години, се решаваат за неколку секунди. Каде што асистентите не се само дигитални гласови туку верни соработници, подготвени да ги предвидат вашите потреби. Свет во кој невролошките болести се минато благодарение на мозочните импланти, а роботите веќе не се машини, туку ваши партнери во домот и на работното место. Ова е иднината што веќе се обликува пред нашите очи и веројатно ќе стане секојдневие во годините што претстојат.
Моќта на квантните компјутери
Во една тивка лабораторија, научниците од „Гугл“ (Google) создадоа машина што го направи незамисливото. Тие во декември открија дека нивниот најнов квантен процесор Вилоу (Willow) за пет минути решил проблем што најмоќните суперкомпјутери во светот не би можеле да го решат дури и ако работеле на него од почетокот на универзумот.
Прочитајте повеќе: Квантното пресметување е конечно тука. Но што е тоа?
Квантните компјутери, користејќи ги своите квантни битови (кубит, англ. qubit), отвораат врати кон нови хоризонти: од оптимизација на глобалната логистика до откривање нови лекови за неизлечиви болести, како и финансиско моделирање. Квантните компјутери не се само машини - тие се катализатори на прогресот.
„Податоците се крвотокот на современото општество и паметните градови на иднината. Квантните компјутери експоненцијално ќе ги зголемат обемот и брзината на обработка на податоците, со што ќе се отворат нови хоризонти за иновативни парадигми на машинско учење“, вели професорот Анис Сефиданис од Факултетот за машинска интелигенција и роботика при универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Според него, најголем импакт треба да се очекува во областа на медицината, економијата, безбедноста и образованието.
Професор Анис Сефиданис
Фото: Sefidanis
Квантните компјутери користат мали кола за да извршуваат пресметки, како и традиционалните компјутери. Но тие ги прават овие пресметки паралелно, наместо последователно, што ги прави толку брзи. Стандардните компјутери обработуваат информации во единици наречени битови, кои можат да претставуваат една од две можни состојби, 0 или 1, што одговара на тоа дали дел од компјутерскиот чип наречен логичка врата е отворен или затворен. Пред традиционалниот компјутер да продолжи со обработка на следното парче информации, тој мора да му додели вредност на претходното парче.
За разлика од тоа, благодарение на „веројатноста“ во природата на квантната механика, кубитите (квантен бит, англ. qubit) во квантните компјутери не мора да добијат вредност додека компјутерот не ја заврши целата пресметка. Тоа е познато како „суперпозиција“. Така, додека три бита во конвенционален компјутер би можеле да претставуваат само една од осум можности – 000, 001, 010, 011, 100, 101, 110 и 111 – квантен компјутер со три кубити може да ги обработи сите нив истовремено. Квантен компјутер со 4 кубити теоретски може да обработи 16 пати повеќе информации од еднакво голем конвенционален компјутер и ќе продолжи да ја удвојува својата моќ со секој додаден кубит. Затоа квантниот компјутер може да обработи експоненцијално повеќе информации од класичниот компјутер.
Асистенти што навистина разбираат
Секое утро, додека го приготвувате кафето, вашиот дигитален асистент ве потсетува на состаноците, го анализира времето и дури предлага со која музика да го започнете денот. Но, ова е само почетокот. Компании како „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Мајкрософт“ (Microsoft) работат на системи што ќе ги разбираат вашите потреби дури и пред да ги кажете. Нивната интелигенција е насочена кон тоа да бидат ваши партнери, подготвени да автоматизираат комплексни задачи како правни анализи или управување со проекти.
Во овој контекст „Епл“ (Apple Inc.) брза да развие поразговорна верзија на својот дигитален асистент Сири (Siri), со цел да ги достигне ЧетГПТ (ChatGPT) на „Опен еј-ај“ и други гласовни услуги.
Новиот Сири ќе користи понапредни форми на големи јазични модели (LLMs) за да овозможи пофлуидни разговори, посочија извори што побараа да останат анонимни бидејќи потфатот и натаму е во разработка. Системот исто така ќе може побрзо да се справи со покомпликувани барања, изјавија тие за „Блумберг“.
Depositphotos
Ажурирањето на 13-годишната услуга Сири е дел од напорите на „Епл“ да стане сила во вештачката интелигенција (ВИ), а ажурираната услуга се очекува да стане достапна за корисниците најрано во пролетта 2026 година.
„ВИ без сомнение е предводник на четвртата индустриска револуција. Преку автоматизација на процеси, персонализација на услуги, до решавање комплексни проблеми, ВИ ќе го трансформира секој домен од општествениот живот, најмалку колку што тоа претходно го направи електричната енергија“, објаснува професорот Сефиданис. „Суштината на секоја интелигенција е да предвидува, со цел да можеме да ја пресретнеме иднината подготвени со сите неопходни алатки“.
Биотехнологијата ќе менува животи
Замислете доктор што може да уреди генетски код со истата леснотија како што писателот уредува текст. Технологијата CRISPR (clustered regularly interspaced short palindromic repeats) овозможува тоа да стане реалност. Станува збор за технологија што истражувачите ја користат за селективно да модифицираат ДНК на живи организми. Оваа револуционерна алатка е на прагот да спасува животи, лекувајќи ретки генетски болести. Засега научниците користат CRISPR за да создадат генетски модифицирани култури што се поотпорни на болести и штетници. На пример, истражувачите развија вид на ориз користејќи CRISPR за да го направат отпорен на штетни бактерии, кои сериозно влијаат на производството низ светот. Тоа може да помогне да се подобри безбедноста на храната и да се намали потребата од штетни пестициди.
Depositphotos
Во лабораториите се создаваат биоматеријали што се разградливи, помагајќи во борбата против загадувањето. Синтетичката биологија, пак, отвора можности за производство на вештачки органи и нови видови лекови. Секој чекор во оваа област е чекор поблиску до подолг и поздрав живот.
„Предвидувањето комплексни системи со помош на ВИ и квантните компјутери ќе овозможи експоненцијален напредок во лекувањето на генетските болести и создавање персонализирана медицина“, додава професорот Сефиданис. „Тоа ќе доведе до подолг и поквалитетен живот и револуција во земјоделството преку генетски модифицирани култури. Болестите на човекот ќе бидат речиси целосно искоренети, биолошкиот систем значително надграден, а можеби и хибриден во симбиоза со технологијата“.
Мозочни импланти
Пациент со парализа може повторно да биде активен благодарение на имплант во неговиот мозок. Ова не е сцена од филм, туку реалност што ја овозможува технологијата на стартапот „Неуралинк“ (Neuralink) на Илон Маск.
Прочитајте повеќе: Маск гледа иднина во чиповите за луѓе, го делат ли тој став и нашите експерти
Во клиничкото испитување минатиот јануари, Ноланд Арбо стана првиот човек што доби мозочен имплант од „Неуралинк“. Уредот нема да му овозможи повторно да се движи, но ќе му помогне да надмине некои од неговите физички ограничувања, на пример може да го управува својот лаптоп користејќи само мисли. Сега тој веќе сурфа на интернет и комуницира со пријателите користејќи го имплантот наместо да допира на ајпадот.
Прочитајте повеќе: Првиот пациент од „Неуралинк“: Бев целосно воодушевен
Иако и на други луѓе им се вградени слични уреди, Ноланд стана експониран во јавноста делумно поради огромното внимание посветено на она што го прави Маск.
Мозочните импланти создаваат можност за надминување на физичките и когнитивните граници. Од управување роботски екстремитети со мисли до зголемување на меморијата – можностите се неверојатни. Денот кога луѓето ќе комуницираат директно со компјутерите без тастатура или глас веројатно е поблиску одошто очекуваме.
Роботите како наши партнери
Замислете робот што може да ви помогне во кујната, да го среди домот или да асистира во сложени хируршки процедури. Роботите како Атлас (Atlas) на „Бостон динамикс“ (Boston Dynamics) веќе покажуваат способности што се чинат како волшепство.
Во фабриките тие ги преземаат тешките физички задачи, додека во болниците роботите како Да Винчи (Da Vinci) ја зголемуваат ефикасноста на хирурзите. Овие машини не се тука да нè заменат, туку да ни помогнат – да бидат наши соработници во создавањето подобар свет.
Метаверзум и виртуелна реалност
Метаверзумот и технологиите за виртуелна реалност секојдневно го трансформираат начинот на кој комуницираме, учиме и работиме. Последната пандемија беше катализатор на платформите за виртуализација и работа на далечина, при што се променија повеќето традиционални рамки за соработка.
Прочитајте повеќе: „Мета“ сака да работите во виртуелна реалност. Како изгледа тоа?
Компанијата „Мета“ (Meta Platforms Inc.) јасно стави до знаење дека сака да се инфилтрира во светот на технологијата за виртуелна реалност (ВР), која заедно со проширената реалност (АР) секако ќе влијае на иднината на работата. Рака под рака со тоа оди развојот на метаверзумот, мрежа од 3Д-виртуелни светови фокусирани на создавање социјални врски.
ВР-очилата може да овозможат поинаков вид работа на далечина, имајќи предвид дека 3Д-искуството дава чувство за физичкото присуство на другите.
„Метаверзумот ветува хибридна околина, на еколошка и неинвазивна ‘мешана’ реалност“, објаснува професорот Сефиданис. „Природното и синтетичкото ќе коегзистираат во синергија за зголемена продуктивност на модерниот човек“.
Зелена енергија за одржлива иднина
На хоризонтот сѐ посилно се истакнуваат и иновациите во доменот на обновливите извори на енергија. Од соларни панели што ја апсорбираат сончевата светлина и ја претвораат во електрична енергија до водородни горива што ветуваат револуција во транспортот. Во лабораториите се развиваат батерии што можат да складираат енергија со месеци, создавајќи нови стандарди за енергетска ефикасност.
Depositphotos
„Иновациите во доменот на обновливите извори на енергија и системи за нејзино ефикасно акумулирање се неминовни во нашиот стремеж кон енергетска одржливост“,"вели професорот Сефиданис. „Соларните панели, водородната енергија и батериите за долготрајно складирање имаат потенцијал да го намалат влијанието на климатските промени и да овозможат хуман и еколошки стил на живот. Секојдневните статистики на загадени метрополи се јасна насока за тоа каде треба да се инвестираат нашите интелектуални и материјални ресурси, доколку сакаме да обезбедиме долговечност на планетата“.
Сепак, секоја голема промена носи со себе и одговорност. Како ќе ги заштитиме податоците во светот на квантната моќ? Како ќе осигуриме дека вештачката интелигенција ќе остане под човечка контрола? Како ќе се справиме со етичките прашања што ги отвораат биотехнологијата и мозочните импланти? Технологијата мора да се развива со јасни регулации и морални принципи, за да биде силата што ќе го води човештвото кон светла иднина.