Шест месеци по разорниот земјотрес во Турција, минатата недела имаше уште еден потрес со јачина од над пет степени по Рихтер. За разлика од февруари, кога загинаа околу 50.000 луѓе и беше причинета штета од над 100 милијарди долари, последниот земјотрес беше со многу помали последици, но паниката е евидентна.
Деновиве Словенија се соочува со најголемите поплави во својата историја. И таму штетите се бројат во милијарди евра.
Во земјава, во август 2016 година, за време на поплавите во само два часа загинаа 22 лица, а беа поплавени над 7.000 дома.
Прочитај повеќе
Паѓаат акциите на „Триглав“ и „Сава“ по поплавите во Словенија
Акционерите на двете словенечки осигурителни компании се загрижени
06.08.2023
Осигурувањето на имот од природни непогоди во Европа е ниско
Европа се загрева побрзо од глобалниот просек
05.08.2023
Во првиот квартал неживотното осигурување има реален раст од 4,3 отсто
„Во зависност од типот на осигурувањето, постојат позитивни и негативни тенденции во првиот квартал од годинава“, вели професорот Бојан Србиноски.
29.06.2023
Инфлацијата ќе го поскапи и осигурувањето
Инфлацијата им прави проблем и на осигурителните компании, кои се соочуваат со раст на цените на материјалите и работната рака.
09.06.2023
Дебата на „Блумберг Адрија“: Мал број компании го осигуруваат имотот
Од 100.000 компании, осигурени се само 17 отсто.
05.05.2023
Обично ваквите настани се причина луѓето да размислуваат за осигурување на имотот, но не само во земјава туку во цела Европа ваквиот тип осигурување и натаму е мало.
Кој се осигурува најчесто?
Кога станува збор за осигурувањето имот, во Македонија најчесто се користи осигурувањето од пожар. Главно, со ваков тип осигурување се покриени имотите што се под хипотека кај банките затоа што полисата е обврзувачка за одобрување кредит.
И бројките покажуваат дека ова основно осигурување е најчесто. Од вкупно склучени 12.286 договори за осигурување имот во првата половина од оваа година, дури 9.881 покриваат само пожар.
Според експертите, многу е важно банките да работат на едукација на клиентите. Тие треба да укажат дека ова осигурување, кое банката задолжително го бара, е основно, дека покрива само пожар, за да не доаѓа до забуни.
„Доаѓаме до ситуација дека клиентот мисли дека е осигурен, ама не знае од што е осигурен, не навлегува во тоа дека постојат повеќе ризици што негова полиса не ги покрива. Во случајот со поплавите од Стајковци ни стана јасно колкава ни е финансиската писменост. Тогаш луѓето мислеа дека се осигурени, а излезе дека не знаеле дека нивните штети не можат да бидат покриени. Затоа сметам дека банките можат многу да помогнат во овој правец“, вели Елена Наумовска, професорка на Економскиот факултет.
По поплавите во Стајковци, државата преку ребаланс обезбеди 36 милиони евра за обесштетување. Ова е уште еден од проблемите во оваа индустрија, мешањето на државата. Со тоа што државата надоместува штети, испраќа непазарна порака до граѓаните дека не мора да се осигуруваат.
Инфлацијата го погоди осигурувањето
Осигурувањето имот во земјава во последните десетина години бележи висок раст од околу 50 отсто, но сè уште има потенцијал за развој. Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, и покрај растот од претходниот период, годинава се забележува стагнација во бројот на склучени договори за осигурување заклучно со јуни годинава во споредба со истиот период лани. Истовремено, лани бил поголем и бројот на исплати поврзани со штетни настани.
Главната причина за малото намалување на осигурувањето имот се должи на високата инфлација лани, која ги зголеми цените на основните производи и услуги. Освен што домаќинствата имаа поголеми секојдневни трошоци, се зголемија и цените на полисите, што се гледа од наплатените суми за бруто пласирана премија.
Истовремено, на помал број исплати за штети годинава, исплатени се поголеми суми, што се должи на растечките цени и на градежните материјали.
Осигурувањето имот не е проблем само кај домаќинствата туку и кај компаниите. Од 100.000 компании во земјава, осигурани се само 17 отсто. Притоа, големите компании најчесто се целосно осигурени, проблем се малите фирми за кои оваа ставка е голем трошок.
Елементарните непогоди – непогода за осигурителниот бизнис
Ништо подобра не е ниту ситуацијата во Европа. Во последниве месеци пожарите уништија имот во Грција, недостигот од врнежи го погоди производството на домати и јагоди во Шпанија, а ниското ниво на вода го нарушува транспортот на реката Рајна, една од клучните транспортни артерии во Европа. Според една од најголемите светски реосигурителни компании, „Муних Ре“ (Munich Re), речиси 90 отсто од загубите предизвикани од природни катастрофи во првата половина од оваа година не биле покриени со осигурување.
„Мораме да се приспособиме на управувањето со последиците од глобалното затоплување. Тоа може многу добро да се види од презентацијата на загубите во првата половина од годината“, вели Томас Блунк, член на одборот на овој реосигурувач.
Во иднина, поради климатските промени, ќе расте бројот на ваквите штетни настани, прогнозираат експертите. Тоа ќе доведе и до поголеми трошоци за осигурителните компании, кои ќе мора да ги зголемат цените на премиите. Колкаво е влијанието на елементарните непогоди врз осигурителни компании најдобро се гледа од последниот пример со поплавите во Словенија. Ден по настанот, акциите на најголемата осигурителна куќа во земјата, „Триглав осигурување“ паднаа за пет отсто.
Според процените на „Триглав“, кој е еден од најголемите од осигурителниот сектор во регионот Адрија, бројот на масовни штетни настани во последната деценија е за 20 отсто поголем од петгодишниот просек.