Финансии

Короната ги зголеми, енергетската криза ги топи депозитите во Македонија

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

20. Јули 2022, 16:57

Во македонските банки лежат над 7 милијарди евра депозити

Две третини од нив се на граѓаните, остатокот на фирмите

Годинава и граѓаните и фирмите трошеле од заштедите

Короната ги зголеми, енергетската криза ги топи депозитите во Македонија

Bloomberg Mercury

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

Македонија има најмалку депозити и како апсолутна бројка и како процент од БДП во однос на земјите од регионот Адриа. Анализата на Bloomberg Adria покажува дека во македонските банки на име штедни влогови, во мај годинава имало  7 милијарди и 300 милиони евра депозити. Најзначаен депонент во македонскиот банкарски сектор се граѓаните чии влогови чинат 67,1 отсто (заклучно со март годинава) од сите депозити во земјава. Или од вкупните заштеди во банките, две милијарди се на фирмите, над пет милијарди се депозити на домќинствата. Вкупните депозити изнесуваат 63 отсто од БДП на земјата.

Во однос на 2015 година, македонските депозити се зголмиле за над две милијарди евра

Другата разлика на македонските депозити со тие од регионот Адриа е што најголем дел од нив се орочени -  дури 65 осто, но процентот е значително помал во однос на 2015 година.

Во текот на оваа година депозитите бележат пад од 3,1 отсто споредено со декември лани, но податоците на НБРМ покажуваат дека на годишно ниво и натаму има раст од 2,1 отсто.

Во мај годинава, депозитите во земјава се вратиле на нивото од пред една година, а во декември лани надминаа 7, 5 милијарди евра. Во овој период граѓаните повлекле 63 милиони евра, а фирмите 173 милиони евра, покажуваат податоците на НБРМ.

Падот на депозитите во првите пет месеци од 2022 се должи на намалувањето на заштедите на фирмите заради растот на цените на енергенсите кои драстично им ги зголемија трошоците.

„Во овој период, движењето на депозитите беше под влијание на негативните ефекти од конфликтот помеѓу Русија и Украина и нарушените глобални синџири на снабдување, кои придонесоа за  натамошен раст на цените на примарните производи, а пред се енергенсите коешто доведе до раст на трошоците за домашните претпријатија.  Овие движења беа најизразени во текот на март, но веќе во април и мај се забележува стабилизирање кај вкупните депозити, а кај секторот домаќинства депозитите растат“, велат за Bloomberg Adria oд НБРМ.

Шпекулациите за курсот на денарот – сериозен проблем

Очекувањата на НБРМ се дека до крајот на оваа година депозитите ќе забележат годишен раст од 5 отсто, а во наредните две години тој треба да забрза и да стигне до просечни 7,5 отсто, односно да се врати на нивото од 2021 година кога како резултат на корона кризата депозитите растеа побрзо од претходно. Од НБРМ велат дека во тој период носител на растот на депозитите биле домаќинствата главно заради „мерката на Народната банка за одложување на отплатата на кредитите, во услови на поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции поради пандемијата“, велат од Централната банка.   

Статистиката на Централната банка покажува дека токму во тој период, од средината на 2020 до крајот на 2021 година, депозитите растат најбрзо и за година и половина се зголемиле за над 800 милиони евра. Најбавен раст на депозитите пак, е забележан во периодот од крајот на 2015 до крајот на 2018 кога за три години растот изнесува нешто над милијарда евра.

Сепак, главен проблем и на НБРМ и на деловните банки се честите шпекулации за курсот на денарот кои прават материјална штета, главно на граѓаните.

„Сведоци сме дека, во време кога се зборува за криза, се уште дел од граѓаните прибегнуваат кон претворање на заштедите во девизни или купуваат девизна готовина, а во текот на март еден дел од граѓаните поради психолошки ефект ги повлекуваа и своите депозити од банките. Сепак, повлечениот износ  не беше голем, а ефектот краткотраен, така што веќе од април депозитите повторно  почнаа да растат. Народната банка постојано излегува со јасен став по овие прашања, околу штетноста на шпекулациите и потребата од објективно информирање на јавноста“, велат од НБРМ.

Каматите за штедење во денари ќе растат побрзо

Очекувањата на НБРМ за  наредниот период се дека каматните стапки за штедење ќе растат заради мерки што ги презема банката за сузбивање на инфлацијата, по примерот на другите централни банки. Од април наваму, каматната стапка на благајничките записи е зголемена за 1,25 пп, до сегашното ниво од 2,5 отсто. И покрај оваа промена, основаната каматна стапка на Народната банка се задржува во рамки на историски ниско ниво поради што се не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките. Тоа, според НБРМ, се гледа и од последните расположливи податоци според кои каматните стапки за кредитите не се зголемени.

„Примарно очекуваме промени кај каматните стапки на штедењето. Во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на денарското штедење, во два наврати, го намаливме процентот на издвојување на задолжителната резерва за денарските обврски, а истовремено го зголемивме процентот за обврските во странска валута. Со оваа мерка се поттикнуваат банките да понудат поповолни камати на денарските депозитни производи“ велат од НБРМ.

Просечната годишна каматна стапка на депозитите во мај годинава изнесувала 0,67 осто, но кај новите депозити веќе се забележува минимален раст од 0,76 отсто во однос на април кога почна трендот на зголемување на референтната камата на централната банка.

 

Сите новости од рубриката Бизнис

Бизнис

сите новости од рубриката Бизнис