Финансии

Народна банка со нова мерка ќе го штити банкарскиот сектор

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

01. Август 2022, 14:41

Македонските банки ќе треба да ги зголемат за 0,5 отсто средствата што ги чуваат како резерва

Зголемената резерва ќе послужи како бафер за стопанството во случај кризата да потрае

Народна банка со нова мерка ќе го штити банкарскиот сектор

МИА

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

Од 01 август догодина македонските банки ќе треба да ги зголемат за 0,5 отсто средствата што ги чуваат како резерва. Според извори на Блумберг Адриа од банкарскиот сектор, со оваа мерка целта на НБРМ е да се заштитат банките од несоодтветно кредитирање, а зголемената резерва да послужи како бафер за стопанството во случај на потреба при евентулано продолжување на кризата.

„Имено, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, што ги вклучува податоците за првиот квартал на 2022 година, како и најновите показатели, се оцени дека има потреба од воведување стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот на банките за изложеностите во Република Северна Македонија, во висина од 0,5%. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 август 2023 година, што значи обезбедување доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата“, стои во соопштението на НБРМ.

Македонските банки се здрави и на тоа упатуваат нивните биланси, а се потврдува и со редвоните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови.   

„Капиталните позиции на банките се стабилни, а квалитетот на кредитното портфолио засега е добар. Профитабилноста на банките е на солидно ниво, што значи дека банките имаат доволно интерен потенцијал за исполнување на капиталните барања, вклучително и за исполнување на предложената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5%“, соопшти централната банка.

Сепак, работењето на банкарскиот систем и на економијата во целина и понатаму е придружено со неизвесност и ризици, смета НБРМ, а главен извор на ризици од окружувањето е војната во Украина, што во зависност од времетраењето и интензитетот на геополитичкиот шок, може да ги влоши перспективите за домашната економска активност и за инфлацијата.

„Ова негативно би се одразило врз работењето на компаниите и врз животниот стандард и куповната моќ на населението, што може да влијае врз способноста за редовно отплаќање на кредитните обврски и нивото на кредитниот ризик на банките.Со воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици“, соопшти НБРМ.

На редовната седница на Советот денеска, беше усвоен и најновиот Квартален извештај. Како што е посочено во Извештајот, последните макроекономски показатели упатуваат на остварување на ризиците во одредени сегменти од економијата, што создава понеповолен макроекономски амбиент за спроведување на монетарната политика.

Домашната инфлација, слично на глобалните движења и понатаму забрзува. Нагорните придвижувања кај домашните цени и понатаму главно се одраз на фактори на страната на понудата, односно на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради воените случувања. Овие промени се пренесуваат и врз цените на останатите производи и услуги, а со тоа и врз инфлациските очекувања, поради што Народната банка во неколку наврати ја зголеми основната каматна стапка за вкупно 1,25 п.п.

„Домашната економска активност од почетокот на годината главно се движи во согласност со очекувањата, а и натаму има солидна кредитна поддршка од страна на банките. На девизниот пазар притисоците се значително намалени, а девизните резерви се во сигурната зона“, наведува НБРМ.

Сепак, ризиците за целокупниот макроекономски контекст сè уште се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Народната банка продолжува со внимателното следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување и со натамошна нормализација на монетарната политика, заради одржување на ценовната стабилност на среден рок, најавува монетарната власт.

Сите новости од рубриката Бизнис

Бизнис

сите новости од рубриката Бизнис