„Комерцијална банка“ АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари добивка од 1,45 милијарди денари (23,6 милиони евра), што е зголемување од 2,8 проценти во однос на истиот период минатата година кога добивката на банката изнесуваше 1,41 милијарди денари (23 милиони евра), покажува неревидираниот и неконсолидиран биланс на успех на банката објавен преку Македонската берза. Од банката соопштија дека планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 115,4 проценти.
„Позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и зголемена неизвесност и непредвидливост предизвикана од избувнувањето на најновиот воен конфликт на Блискиот Исток, што предизвика значително нарушување на снабдувањето со нафта во светот и раст на цените на енергенсите, со реална можност за понатамошни неповолни движења на истите, како и пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи, вклучително и во рамки на домашната економија“, наведуваат од банката.
Оттаму соопштија дека остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 7,5 проценти повисока во однос на истиот период минатата година.
Прочитај повеќе
„Комерцијална банка“ не исклучува влез на странски инвеститор: Ќе дочекаме ли глобален играч во банкарскиот сектор?
Обврската за евентуалното привлекување стратешки инвеститор останува една од приоритетните цели и задачи на банката.
10.02.2026
Менаџментот на „Комерцијална банка“ предлага дивиденда од 1.350 денари за 2025.
Се планира исплата на бруто-дивиденда во вкупен износ од 3,07 милијарди денари (50 милиони евра).
30.01.2026
„Комерцијална банка“ лани оствари добивка од 82,5 милиони евра
Заголемување за 3,1 проценти во однос на претходната година.
29.01.2026
Кои се најуспешните банкарски акции во Македонија?
И покрај импресивните приноси од 2023 до 2025 година, акциите на македонските банки бележат побавен раст во 2025 година, иако сè уште го надминуваат индексот МБИ10, кој порасна за еден процент.
19.11.2025
„Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи, нетоприходи од провизии и зголемените нето-приходи од камати“, соопшти банката.
Вкупните приходи од работењето на банката бележат зголемување од 6,4 проценти во однос на истиот период минатата година.
„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,1 проценти во однос на истиот период минатата година“, информираа од банката.
Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,2 проценти, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност.
„Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани. Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,8 проценти поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година“, соопшти банката.
Нето каматната маржа на ниво на банката е намалена од 3,65 проценти на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,45 проценти на 31.03.2026 година. Нето-приходите од провизии и надоместоци бележат зголемување од 14,9 проценти „како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата“.