„Комерцијална банка“ АД Скопје во текот на 2025 година оствари нето-добивка од од 5,07 милијарди денари (82,5 милиони евра) што е за 3,1 проценти повеќе во однос на претходната година, покажува неконсолидираниот биланс на успех на банката објавен преку Македонската берза.
Банката соопшти дека нето-добивката е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.
Оттаму информираа дека остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за два процента повисока во однос на претходната година.
Прочитај повеќе
Кои се најуспешните банкарски акции во Македонија?
И покрај импресивните приноси од 2023 до 2025 година, акциите на македонските банки бележат побавен раст во 2025 година, иако сè уште го надминуваат индексот МБИ10, кој порасна за еден процент.
19.11.2025
Нема зима за македонските блучипови: Над 237 милиони евра профит за девет месеци
Најголем удел во вкупната добивка на македонските блучипови имаат банките.
05.11.2025
„Комерцијална банка“ лани оствари добивка од 80 милиони евра
Вкупните приходи од работењето на банката изнесуваат 8,8 милијарди денари (144 милиони евра) и бележат зголемување од 25,9 проценти во однос на минатата година.
31.01.2025
„Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста (пред сè поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања во однос на претходната година) и зголемените нето-приходи од камати, a во помал обем и поради зголемените нето-приходи од курсни разлики и зголемените нето-приходи од провизии и надомести“, соопшти банката.
Вкупните приходи од работењето на банката минатата година изнесуваат 9,08 милијарди денари (147,6 милиони евра) и бележат зголемување од 2,1 проценти во однос на претходната година.
„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2025 година истите бележат зголемување од еден процент во однос на минатата година. Планот е исполнет со 102,1 проценти. Приходите по основ на камата се зголемени за 1,8 проценти, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата, а во помал обем зголемени се и приходите од нефинансиските друштва и државата, како резултат на зголемените пласмани“, соопшти банката.
Расходите по основ на камата се зголемени за 8 проценти поради зголемените орочени депозити, споредено со претходната година. Нето каматната маржа заклучно со минатата година изнесувала 3,55 проценти, додека на крајот од претходната година истата изнесувала 3,85 проценти. Од банката додаваат дека нето-приходите од провизии и надоместоци бележат зголемување од 2,7 проценти како резултат на зголемен обем на работење со клиентите, во услови на извршени значајни намалувања на надоместоците од страна на банката.
„Имено, во услови на промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС и намалените надоместоци согласно измените во тарифникот од НБРСМ кои се применуваат од август 2025 година, банката изврши соодветно намалување на надоместоците за денарски платежни трансакции почнувајќи од 01.10.2025 година, кое се движи помеѓу 30 проценти за меѓубанкарските плаќања, до 100 проценти за интерните плаќања на клиентите преку електронско банкарство“, посочуваат од банката.
Оперативните расходи за периодот 01.01. - 31.12.2025 година се зголемени за 2,4 проценти, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација.