Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ (Volkswagen) разгледува план за дополнително намалување на бројот на вработени за десетици илјади лица и можно затворање на дел од фабриките, во обид компанијата да стане поконкурентна на глобалниот пазар, објави магазинот „Менаџер“ (Manager Magazin).
Според информациите на германскиот магазин, планот на извршниот директор Оливер Блуме предвидува бројот на отпуштања да биде зголемен до 100.000 работни места. „Фолксваген“ моментално има околу 657.000 вработени ширум светот, а новата стратегија треба да биде претставена пред надзорниот одбор следниот месец, што може да биде почеток на долги и тензични преговори со синдикатите и претставниците на работниците.
Блуме се обидува да го намали обемот на работење на компанијата додека „Фолксваген“ се соочува со повеќе сериозни предизвици - американски царини, долготрајна слабост на кинескиот пазар и сè поголемата конкуренција во Европа од производители како кинескиот БЈД (BYD) и „Стелантис“ (Stellantis).
Прочитај повеќе
Секој десетти автомобил купен во Европа во мај бил од Кина
Кинеските автомобили учествуваа со повеќе од 10 проценти во вкупната продажба во Европа за прв пат минатиот месец, бидејќи купувачите се насочуваат кон модели што нудат подобра опрема за помалку пари.
пред 2 часа
Кинеските електрични автомобили создаваат завист кај Американците
Кинеските брендови ги освојуваат американските потрошувачи на социјалните мрежи, поткопувајќи ги напорите на САД да ги држат подалеку од нивниот пазар.
13.06.2026
Растот на продажбата на автомобили во Европа забавува под притисок на инфлацијата
Електричните возила добиваат на популарност во Европа, продажбата на бензински и дизел автомобили продолжува да опаѓа.
23.06.2026
Автомобилската индустрија во 2026 година: Ценовен масакр се шири од Кина
Индустријата моментално е под влијание на повисоки каматни стапки, кои ја намалуваат побарувачката.
28.05.2026
Планот вклучува намалување на општите трошоци за околу 11 милијарди евра до крајот на деценијата, како и можност за затворање четири германски фабрики на среден рок. Меѓу потенцијално погодените капацитети се фабриката на „Ауди“ во Некарсулм и постројките на „Фолксваген“ во Хановер, Цвикау и Емден.
Компанијата размислува и за одвојување на дел од производството на компоненти, а се разгледува и промена на структурата на самиот бренд „фолксваген“, кој со години се соочува со проблеми со ниска профитабилност.
Европските производители на автомобили бележат слаб профит годинава
Аналитичарите очекуваат дополнителни намалувања на прогнозите како што се зголемува конкуренцијата
Bloomberg
„'Фолксваген' мора да помине низ длабока промена“, изјави портпарол на компанијата, без да ги коментира деталите од извештајот. Тој додаде дека извршниот одбор во изминатите месеци интензивно работи на план за идно преуредување на компанијата.
Иако акциите на „Фолксваген“ пораснаа до 1,2 отсто во Франкфурт по објавата, тие и понатаму се пониски за околу една четвртина од почетокот на годината.
Компанијата веќе започна со намалување на бројот на вработени. Околу 28.000 работници се согласиле да заминат, како дел од претходно најавениот план за намалување на 50.000 работни места до 2030 година. „Фолксваген“ исто така го намали производствениот капацитет од 12 милиони возила годишно кон пореална цел од околу 9 милиони возила.
Новите најави наидоа на жесток отпор од синдикатите. Работничкиот совет и синдикатот ИГ Метал (IG Metall) оценија дека плановите создаваат несигурност кај вработените и регионите во кои компанијата работи, најавувајќи дека ќе се спротивстават на таквите мерки.
Спроведувањето на големи отпуштања во „Фолксваген“ е особено тешко поради силното влијание на работничките претставници, кои имаат половина од местата во надзорниот одбор, додека покраината Долна Саксонија, која често ги поддржува синдикатите, има дополнителни места во одборот.
Аналитичарите оценуваат дека проблемите на „Фолксваген“ се дел од пошироката криза во германската автомобилска индустрија. „Мерцедес-Бенц“ разгледува дополнителни намалувања на трошоците, додека БМВ неодамна испрати предупредување за профитот што предизвика пад на вредноста на акциите.
Според автомобилскиот аналитичар Матијас Шмит, германскиот автомобилски гигант најсилно го чувствува ударот од кинеската конкуренција, бидејќи години наназад не успеава навремено да го приспособи бројот на вработени и производствените капацитети на новите услови на пазарот.