Кина нареди седумдневно заклучување на областа околу главната фабрика на „Фокскон технолоџи груп“ (Foxconn Technology Group) во Женгжу, потег што сериозно ќе ги намали испораките во и надвор од најголемата фабрика за ајфони во светот.
Заклучувањето ќе трае до 9 ноември, се вели во соопштението на локалната самоуправа, објавено на нејзиниот налог на Вичет. „Не е дозволено да сообраќа ниту едно возило, освен оние што носат неопходни работи“, соопшти управата. Известувањето се појави откако Женгжу пријави дека случаите на ковид-19 скокнале на 359 во вторникот, од 95 претходниот ден.
Ненадејната акција е одраз на стратегијата за нулта ковид на официјален Пекинг, насочена кон спречување епидемија, и веројатно дополнително ќе ја наруши главната оперативна база на „Фокскон“. Тајванската компанија, чија главна рака е „Хон Хаи пресижн индустри“ (Hon Hai Precision Industry Co.), се бори со ширењето на ковид-19, кое некои од нејзините 200.000 вработени ги принуди на карантин, а другите ги натера да избегаат од објектот - некои пеш. Заклучувањето ќе ги искомплицира напорите за регрутирање и внесување нов персонал, како и материјали за производство, за да продолжат операциите.
Претставниците на „Фокскон“ и на „Епл“ (Apple Inc.) не одговориле веднаш на барањата за коментар.
„Фокскон“ се обиде да го ублажи потенцијалното нарушување со зголемување на платите и поставување резервни погони во другите свои кинески фабрики доколку дојде до застој на производството во Женгжу. Во последниве денови, исто така, раководството се бори да се смират шпекулациите на социјалните мрежи дека некои од заразените вработени починале.
Заклучувањето доаѓа во важен момент за „Епл“, кој го лансира ајфон 14 во време на невиден пад на глобалната побарувачка за електроника. Иако е позиционирана подобро од другите производители на паметни телефони, компанијата се откажа од плановите за зголемување на производството на своите нови телефони годинава, откако очекуваниот пораст на побарувачката не се оствари, објави „Блумберг“. „Епл“ објави подобри резултати од очекуваното, но предупреди на забавување за време на празничната сезона.