Компании

Српски ‚Делта Холдинг‘ го купува ‚Групер‘

Автор: Владимир Николоски

14. Септември 2022, 11:25

„Ананас“ ќе се проширува на македонскиот пазар преку „Групер“

Српски ‚Делта Холдинг‘ го купува ‚Групер‘

Bloomberg

Владимир Николоски

„Ананас е-комерц“, фирма во сопственост на српската групација „Делта Холдинг“ ја купува плтформата за електронска трговија „Групер“ (grouper.mk), дознава „Блумберг Адриа“.

Српската компанија веќе ја известила Комисијата за заштита на конкуренцијата за концентрацијата со која што се стекнува со целосна контрола врз македонската компанија „Вебспот“ во чија сопственост се „Групер“, како и платформата за електронска трговија „Пао Пао“ (paopao.mk).  

„Групер“ е една од првите и најпознати платформи за електронска трговија во Македонија, а еден од основачите е Нина Ангеловска, поранешна министерка за финансии во македонската Влада. Таа во меѓувреме најави дека почнува со работа на нова позиција во „Ананас“. 

„Претстои нов возбудлив предизвик. Среќнa сум што се приклучувам кон „Ананас е-комерц“ како извршна директорка за меѓународен бизнис развој и ќе можам да придонесам во градењето на регионалниот гигант за е-трговија“, напиша Ангеловска на нејзиниот профил на „Линкдин“.

Доколку се реализира купопродажбата од „Делта Холдинг“ тоа ќе биде втора аквизиција на „Групер“ за период пократок од година и половина. Имено, во мај, минатата година „Пејтен“ (Payten), кој е дел од полската групација „Асеко СЕЕ“ (Asseco SEE) го презема „Групер“ купувајќи сто отсто од сопственоста.

Инаку, „Ананас“ (ananas.rs) е платформа за електронска трговија примарно присутна на пазарот на Република Србија, но има за цел проширување на својата дејност и на регионалниот пазар, односно на пазарите во Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

„Ананас“ е дел од групацијата „Делта Холдинг“, која е една од најголемите српски компании. Покрај Србија, таа е присутна и на голем број пазари на земји члени на ЕУ, како и на пазарите на Швајцарија, Русија и Белорусија. Компаниите од групацијата „Делта Холдинг“ реализираат деловни активности во областа на аграрно производство, производство на храна, извоз, увоз, застапување на странски компании, дистрибуција на стока за широка потрошувачка, продажба на автомобили, развој на недвижности и развој на нови технологии.

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра
Општо

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра

Зекири се товари дека спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договора за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт вредни скоро 1,5 милиони евра.

пред 1 час

Сите новости од рубриката Бизнис

Бизнис

сите новости од рубриката Бизнис