Предлог-законот за данок на солидарност е веќе готов, а цел се околу 200 компании што заработуваат над 10 милиони евра и чија заработка лани е зголемена во однос на четиригодишниот просек. На оваа тема ставовите во денешната емисија „Зум ин“ на „Блумберг Адрија“ ги споделуваат Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија (СКМ), и Ивица Јакимовски, генерален директор на градежната компанија „Голден арт“.
Според Азески од СКМ, Владата мора да го почитува даночниот календар за компаниите да имаат предвидливост во своите бизнис-планирања.
„Даночниот календар не треба да се менува по 1 јули, бидејќи компаниите во тој период ги прават плановите за следната година и мора да ја имаат предвидливоста. Тоа не е испочитувано во случајов и ќе претставува дополнителен трошок за компаниите“, вели Бранко Азески, претседател на СКМ.
Тој вели дека со Комората неколкупати имало консултации во врска со овој закон и оттаму имале сериозни забелешки.
„Имавме сериозни забелешки за критериумите и мислиме дека можеше да се избегне тоа решение, бидејќи парите што ќе се обезбедат од оваа намена не се износ што не може да се обезбеди од други извори. Сметаме дека имаше и други алтернативи. Инаку, ние сме свесни за состојбата во која се наоѓаме и сакаме да помогнеме, меѓутоа мислевме дека може да се искористат нашите предлози“, вели Азески.
Критики за задоцнетото носење на законот има и Ивица Јакимовски, директор на „Голден арт“.
„Прво, терминолошки не е во ред, бидејќи данок на солидарност претставува доброволност. И второ, законот се носи ретроактивно за 2022 година, што е удар за компаниите, бидејќи не е претходно вкалкулиран и ќе претставува дополнителен трошок за бизнисот“, вели Јакимовски.
Покрај ненавременото носење на законот, Јакимовски вели дека парите што државата ќе ги собере по оваа основа ќе ги изгуби по неколку други основи, зашто компаниите ќе ги намалат инвестициите во следната година.
„Проблем е што компаниите уште немаат конкретна слика што ќе значи данокот на солидарноста, но сите компании што работеле и имаат поголеми приходи, секако финансираат и инвестираат и дополнителниот данок ќе ја намали можноста за инвестирање во развој во следната година. А со тоа се намалуваат и повеќе основи на даноци поради инвестиции помали од планираното“, објаснува Јакимовски.
Азески и Јакимовски зборуваат и за проблемите и нивните можни решенија во делот на работна сила, како и за капацитетот на државата за искористување на парите наменети за капитални инвестиции. Целата емисија погледнете ја во видеото.