Според Светската банка, Македонија минатата година имала најнизок економски раст во регионот, а годинава се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.
Реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со 19 април изнесува 16,7 отсто. Економски раст или стагнација, што може да очекуваме годинава?
„Не сум голем оптимист за растот на економијата во 2024 година, меѓутоа се надевам дека веднаш по изборите ќе се преземаат мерки и ќе се забрза реализацијата на капиталните инвестиции, но се надевам и дека ќе се води грижа за фискалниот дефицит“, вели Никица Мојсовска Блажевски, главна извршна директорка на „Македонија 2025“, во интервју за „Блумберг Адрија“.
Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, Мојсоска Блажевски посочува дека сепак имаме недоволен капацитет во планирање, но и недоволен капацитет во имплементација на капиталните расходи.
„Иако Министерството за финансии правеше некои обиди во однос на тоа како да се промени системот, да има награди за оние што ги исполнуваат капиталните инвестиции, сепак тоа е една цела промена на начинот на размислување, на знаења, на капацитетите, што не верувам дека ќе се случи толку брзо“, вели Мојсоска Блажевски.
Таа додава дека кога зборуваме за капиталните инвестиции, тие не треба да се гледаат како трошок туку да се види која е бенефицијата од нив. Но тука многу е важно што се смета за капитална инвестиција и како се планира, дали навистина ги избираме вистинските инвестиции.
„Не сум сигурна дека планираните капитални инвестиции секогаш се токму она што ѝ треба на државата за еден долгорочен раст“, вели Мојсоска Блажевски.
Таа додава дека ако се правилно одбрани и планирани, тогаш растењето на буџетскиот дефицит не секогаш е негативна работа. Мојсоска Блажевски посочува дека капиталните инвестиции не се она што е проблем, проблем е растењето на платите, на тековните расходи.
„Мислам дека влеговме во една спирала што е неодржлива и која не знам ни кога ќе застане, бидејќи само се случуваат ветувања за пораст на платите, а и потоа сите други се надоврзуваат на тоа“, вели Мојсоска Блажевски и додава дека во 2023 година реалната плата во Македонија пораснала 5 отсто.
„Замислете на таа висока инфлација, сепак платите достигнале номинален раст од околу 14 отсто и реален раст од пет отсто, и тоа главно водено од пораст на плати во јавната администрација. А тоа станува неодржливо“, вели Мојсоска Блажевски.
Таа посочува дека приватниот сектор не може веќе да ги издржи тие плати бидејќи платите не растат паралелно со продуктивноста.
„Доколку истите работници произведуваат повеќе производи во еден час или во еден ден, тогаш секако дека тоа не е проблем за работодавците, меѓутоа многу големи дисторзии се направија на пазарот на трудот“, вели Мојсоска Блажевски.
Дека македонската економија и годинава ќе се соочува со предизвици ако не се направат суштински и длабоки реформи смета и универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев.
Бојаџиев смета дека инвестициите поврзани со инфраструктурата нема да влијаат на растот на македонската економија.
„Од проста причина што инвестиции никаде ги нема“, вели Бојаџиев. Тој додава дека за најавувањето за изградба на коридорот 8 секој месец имаше понекое отворање, а единственото добро е што го исчистија патот.
„Меѓутоа, градежните активности ги нема никаде, дали се заглавија во бирократски процедури, дали постојат сериозни индиции за коруптивни зделки, меѓутоа од таа работа очигледно има многу малку или ќе има уште помалку годинава“, вели Бојаџиев.
Во однос на платите, Бојаџиев смета дека ниту една власт не собра храброст да извади просечна плата во стопанството.
„Просечната плата се базира на зголемувањето на платите во администрацијата, зголемување на платите на пратениците и овие избрани функционери и така натаму, и тоа прави притисок на целиот друг пазар на трудот“, вели Бојаџиев.
Тој додава дека дополнително проблем се и неефикасноста на администрацијата и отсуството на соодветна дигитализацијата и автоматизација. Сето тоа создава многубројни вработувања што седат во администрацијата, земаат плата и ги трошат нашите средства.
„Истите тие луѓе може да влезат на пазарот на трудот“, вели Бојаџиев.
Бојаџиев потоа ја отвора дилемата која држава во светот има толку многу наплатни рампи каде што седат луѓе во кабината.
„На секој паркинг кај нас имаме човек што наплаќа. Тоа се илјадници луѓе што можат да бидат дел од оваа работна сила што реално веќе почна да недостига. Сите во Стопанската комора говорат за потреба од увоз на работна сила, но ние имаме скриена латентна превработеност во овие државни служби, што е огромен трошок“, заклучува Бојаџиев.
Тој додава дека токму некои од јавните претпријатија што се превработени креираат и долгови и на крајот стануваат некое партиско-политичко дувло каде што може да се вработи кој било и да прави што сака, а тоа е неодржливо.