Богатството на Марк Закерберг се намали за 11 милијарди долари откако неговата „Мета“ (Meta Platforms Inc.) објави разочарувачка заработка втор квартал по ред, со што неговата вкупна загуба на богатство изнесува повеќе од 100 милијарди долари во период од само 13 месеци.
Закерберг (38) сега има нето-богатство од 38,1 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“, што е неверојатен пад од врвот од 142 милијарди долари во септември 2021 година. Извршниот директор го доживеа најголемиот удар меѓу оние што се позиционирани на листата на најбогати.
Приходите на „Мета“ паднаа за 4,5 отсто од пред една година, во втор последователен квартален пад, а пред 2022 година, компанијата никогаш немаше објавено пад на продажбата. Во меѓувреме, платформата за социјални медиуми се соочува со големи трошоци, бидејќи ја финансира својата верзија на виртуелна реалност. Акциите на „Мета“ во четвртокот во Њујорк отворија за 25 отсто пониско. Цената на акциите од околу 100 долари е најниска од 2016 година, во споредба со врвот од 382 долари.
Прочитај повеќе
'Мета' губи вредност и може да испадне од најголемите 20 компании
Приходите на 'Мета' во третиот квартал паднаа за четири отсто во споредба со истиот период лани.
27.10.2022
'Мета' сака да работите во виртуелна реалност. Како изгледа тоа?
Искуство од учеството на виртуелниот настан Meta Connect 2022, преку хедсетот Oculus Quest 2.
13.10.2022
„Сфаќам дека многу луѓе можеби не се согласуваат со оваа инвестиција“, рече Закерберг во однос на фокусот на компанијата кон метаверзумот. Компанијата со седиште во Менло Парк пред една година го промени своето име од „Фејсбук“ во „Мета“. Тој застана зад пилот-програмата, нарекувајќи ја „фундаментално важна за иднината“.
Закерберг поседува повеќе од 350 милиони акции во „Мета“, според најновиот извештај на компанијата. Во еден момент, тој беше трет на индексот на богатство на „Блумберг“, заостанувајќи само зад Џеф Безос и Бил Гејтс.
До крајот на средата падна на 23-то место.