Со сет нови предлози, Европската Унија сака да регулира како се фрлаат капсулите за кафе, ќесињата за пазарење и шишињата за вода, а новите правила ќе придонесат за заштеда на простор на депониите и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Мерките, кои треба да ги објави Европската комисија в среда, имаат цел да го намалат отпадот од пакувањето за пет отсто во однос на нивото од 2018 година до крајот на деценијата, според нацртот во кој „Блумберг“ имал увид. Сите делови од пакувањето ќе треба да се рециклираат, а предметите како што се ќесињата за чај и лепенките на овошјето ќе треба да се компостираат.
Пет проценти можеби изгледаат малку, но количеството на отпад - и соодветните емисии - расте како што станува сè поприсутна е-трговијата и компаниите бараат иновативни начини да ги продаваат своите производи. Напорот може да има негативни ефекти на глобално ниво, имајќи предвид дека ЕУ е најголемиот единствен пазар.
„Тие предводат во светот“, вели Пјотр Барчак, виш службеник за политики на циркуларна економија и отпад во Европското биро за животна средина, коалиција на граѓански организации. „Најбрзорастечки сегмент на отпад е отпадот од пакување“.
Правилата ќе имаат последици за сите индустрии - од производството на храна, преку електрониката за широка потрошувачка, до хемиското производство. Во ЕУ, околу 40 проценти од пластиката и половина од хартијата се користат во амбалажа, а дизајнот често ја отежнува повторната употреба или рециклирање. Одредени сектори, како што е индустријата за пиво, ќе се соочат со цели за повторна употреба на пакувањето, според нацрт-документот. Тоа може да доведе шишињата во иднина да бидат послични.
Земјите ќе мора да постават системи за рециклирање шишиња и конзерви каде што потрошувачите однапред ќе плаќаат дополнително за производот, а потоа ќе добиваат поврат на средствата кога ќе ја вратат амбалажата. Целта е стапка на наплата од 90 отсто. Доколку земјите можат да докажат дека ја постигнале таа цел преку други механизми, може да бидат изземени од новите мерки.
„Циркуларната економија на пакувањата ќе помогне да се одвои економскиот развој од користењето на природните ресурси“, се вели во нацртот на Европската комисија, кој сè уште е предмет на ревизија.
Индустријата за пакување и нејзините клиенти веројатно ќе се побунат против предлогот, бидејќи веројатно ќе треба да платат повеќе за да постават системи за рециклирање или да пронајдат алтернативни материјали.