Компанијата за импланти на мозок во сопственост на Илон Маск, „Неуралинк“ (Neuralink Corp.), е под федерална истрага во САД за наводни прекршувања на Законот за благосостојба на животните поради поплаки од персоналот дека тестирањето врз животни е избрзано, објави „Ројтерс“.
Во последните месеци била отворена истрага од генералниот инспектор на американското министерство за земјоделство по барање на федералните обвинители, објави агенцијата, повикувајќи се на извори запознаени со истрагата и работењето на компанијата.
Маск откри амбициозни планови за својот стартап, а минатата недела објави дека „Неуралинк“ развива импланти што можат да влезат во 'рбетниот мозок и потенцијално да го вратат движењето на некој што страда од парализа, како и импланти за подобрување или враќање на видот кај луѓето. За време на настанот, Маск покажа видео од мајмун што „телепатски пишува“ на монитор пред себе.
Прочитајте повеќе: „Неуралинк“ на Маск за шест месеци ќе почне да вградува импланти кај луѓе
Минатата година Маск соопшти дека од „Неуралинк“ му вградиле безжичен имплант на мајмун што му овозможил да игра видеоигри со својот ум.
Од „Неуралинк“ не одговориле веднаш на барањето од „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) за коментар.
Компанијата претходно ги негираше критиките дека ги малтретира мајмуните на кои спроведува експерименти, откако се соочи со жалби од групи за заштита на животните.