Јапонија најави историски пресврт во безбедносната политика, со планови за масовна мобилизација и удвојување на воениот буџет поради растечките амбиции на Кина и Северна Кореја во регионот.
Ревидираната безбедносна стратегија објавена во владиниот документ од премиерот Фуми Кишида, е отстапување од пацифистичката безбедносна доктрина по Втората светска војна, што и беше наметната на Јапонија од страна на САД.
Буџетот за одбрана речиси ќе се удвои во следните пет години, на два проценти од БДП, што ќе го направи трет по големина во светот, по оној на САД и на Кина. Јапонија смета дека денешните безбедносни околности се „најсериозни и најкомплицирани“ од Втората светска војна.
Военото присуство на Кина во регионот претставува „најголем стратешки предизвик“, се наведува во документот, што соодветстува на ставовите на сојузничките САД. Јапонија стравува дека еден ден Кина би можела да го нападне Тајван, исто како што Русија ја нападна Украина, пренесува агенцијата ДПА.
Официјален Токио е загрижен и од присуството кинески бродови во близина на архипелагот Сенкаку во Источното Кинеско Море. Јапонија го контролира тој архипелаг, но истиот го присвојуваат и Кина и Тајван.
Со „давање јасна, недвосмислена стратешка изјава за улогата на Јапонија како гарант за безбедноста во Индо-Пацификот“, Кишида започна „нова ера во одбраната на демократијата“, оцени денеска американскиот амбасадор Рам Емануел.
Сепак, Јапонија се уште се залага за придржување до политика „единствено насочена кон самоодбрана“, со забелешка дека нема намера да стане воена сила.
Токио денеска објави план за враќање кон нуклеарната енергија што постепено беше напуштена по инцидентот во нуклеарката Фукушима во 2011 година, како одговор на растот на цените на енергeнтите.