УБС ја купува „Кредит Суис“
Најголемата швајцарска банка УБС (UBS Group AG) во историски договор, со посредство на Владата, се согласи да го купи помалиот ривал „Кредит Суис“ (Credit Suisse Group AG), кој западна во низа проблеми. Целта на ваквиот потег е да се спречи кризата на доверба, која се закануваше да се прошири низ глобалните финансиски пазари.
Според упатени извори, УБС ќе плати повеќе од две милијарди долари за својот ривал, иако претходно понуди преземањетo да се реализира за сума до една милијарда долари, но од „Кредит Суис“ одбија, велејќи дека тој износ е премногу низок.
Швајцарските власти размислуваа и за целосна или делумна национализација на „Кредит Суис“, како единствена друга остварлива опција покрај преземањето од УБС.
На берзите...
Фјучерсите на американските и европските акции ги избришаа добивките, а доларот флуктуираше, додека инвеститорите ги одмеруваат напорите да се заштити глобалниот банкарски систем, кој се соочи со низа потреси месецов. По колапсот на американската банка „Силикон валеј“ (СВБ), најновите турбуленции дојдоа од швајцарската „Кредит Суис“, за која, за среќа, се најде решение со најавеното преземање од УБС.
Во такви пазарни околности, индексот S&P 500 го започна овонеделното тргување со минимална промена, откако во петокот затвори со минус од 1,1 отсто. Утрово речиси е непроменет и технолошкиот индекс Nasdaq 100, кој во петокот падна за 0,5 проценти.
Фјучерсите за европските акции ја започнаа неделава со загуба од 0,3 отсто. Црвенилото е присутно и кога станува збор за поголемите азиски индекси. Имено, јапонскиот индекс загуби 1,4 отсто од вредноста, исто колку и австралискиот, додека хонгконшкиот индекс падна за 2,6 проценти. Единствената светла точка е во Кина, каде што индексот порасна за не многу значајни 0,1 отсто.
Односот меѓу еврото и американскиот долар само малку се промени и тие се тргуваат по курс од 1,0667 долари за евро.
Вредноста на златото падна за 0,8 проценти и сега унца се тргува по цена од 1.973,56 долари.
Негативната слика е присутна и на криптопазарот, каде што најголемиот токен, биткоинот, падна за 1,8 отсто, на 27.461,25 долари, а етерот загуби 2,4 отсто од вредноста и сега чини 1.756,34 долари.
Нафтата се соочува со нов знак на слабост
Клучниот показател за здравјето на нафтениот пазар опадна, бидејќи штрајковите во Франција и превирањата во банкарскиот сектор го влошија расположението. Имено, најголемата рафинерија во Франција почна да ги запира деловните операции во текот на викендот поради штрајкови, ограничувајќи ја побарувачката во Европа. За намалување на стекнатата ценовна добивка на нафтата придонесе и високиот извоз на САД.
Утрово нема знаци на олеснување, иако по интервенцијата на властите и најавата дека УБС се согласи да ја купи „Кредит Суис“, централните банки ја зголемија ликвидноста во долари.
Цената на ВТИ за испорака во април се зголеми за 0,3 проценти, на 66,93 долари за барел, а нафтата брент за испорака во мај доби 0,2 проценти на вредноста и сега барел се тргува за 73,12 долари.
Денеска читајте...
Надворешната трговија во регионот Адрија ќе оди по надолна патека во 2023 година, пишува во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Најсилен фактор за негативниот тренд е високата споредбена основа, а потоа и забавувањето на вкупната економија кај главните трговски партнери, како и послабата домашна побарувачка во споредба со лани.
Обидот да се преструктурира извозот сè уште е неуспешен. Дефицитот во трговската размена на Македонија се продлабочува под влијание на енергетската криза, високата инфлација и војната во Украина. Иако во изминативе години имаше преструктурирање на извозот со отварањето на фабриките од автомобилската индустрија во слободните економски зони, се чини дека тоа не е доволно за да се решат проблемите на македонскиот извоз, кој со децении никако не може да го надмине увозот. Податоците покажуваат дека компаниите од слободните зони го зголемуваат извозот, но и увозот.