Централните банки продолжуваат со рестриктивна монетарна политика
Американските Федерални резерви (ФЕД) ги зголемија каматните стапки за 25 базични поени, со што референтната каматна стапка сега е во распон меѓу 4,75 и 5 проценти, што е највисоко каматно ниво од септември 2007 година, кога стапките беа на својот врв во пресрет на финансиската криза. Ова е деветто по ред зголемување на каматите во САД, а банкарите најавија дека се можни и нови покачувања во претстојниот период.
„Ние сме посветени на враќање на стабилноста на цените и сите докази велат дека јавноста има доверба дека ќе го сториме тоа. Важно е да ја одржиме таа доверба со нашите постапки, како и со нашите зборови. Официјалните лица се подготвени да ги зголемат стапките доколку е потребно“, рече претседателот Џером Пауел на прес-конференција по дводневниот состанок на ФЕД.
Банкарите предвидуваат дека економијата и финансискиот систем остануваат доволно здрави за да ја издржат низата колапси на банките, а случувањата во банкарскиот сектор веројатно ќе резултираат со построги услови за кредитирање.
Основната камата ја зголеми и Народната банка на Македонија, овој пат за четвртина процент, со што сега таа изнесува 5,5 отсто.
„Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем“, велат од Народната банка.
Национален или регионален авиопревозник - што ѝ треба на Македонија?
Се зголемуваат шансите за повторно воведување директна авиолинија меѓу Скопје и Љубљана откако македонската влада распиша нов оглас за субвенционирање авиокомпании, а се очекува и словенечката влада да спроведе иста постапка кон крајот на март. Властите, операторите на аеродроми и бизнис-заедницата посакуваат авионско поврзување меѓу двете земји, но крајниот збор ќе го имаат авиокомпаниите, кои ќе треба да пресметаат колку е исплатливо летањето на оваа дестинација.
Од операторот на македонските аеродроми „ТАВ Македонија“ велат дека авиолинијата на релацијата Скопје - Љубљана била прометна и една од бараните дестинации од патниците.
„За жал, од 2019 година, со банкротот на ’Адрија ервејс’, ни недостига воздушна врска меѓу Словенија и Северна Македонија“, велат од „ТАВ Македонија“.
Нашиот тим анализираше дали на земјава ѝ треба национален авиопревозник. Пазарот е мал, а бизнисот скап за да можеме да размислуваме за национален авиопревозник. Факт е дека има потреба од повеќе летови и поголема поврзаност на земјава со светските метрополи, но можностите за остварување на овие потреби се лимитирани. Сепак, има формула што е блиска со таа за национален авиопревозник, на пример партнерско поврзување со некоја од големите компании што летаат во земјава.
Национален авиопревозник е скапа опција, која Македонија не може да ја реализира. А, за потсетување, во регионот речиси сите државни авиокомпании пропаднаа поради големите долгови. Се чини дека концептот на национален авиопревозник е веќе надминат, а конзорциум со некоја од големите авиокомпании е едно од можните решенија.
На берзите...
Како и што може да се очекува по одлуката на ФЕД за зголемување на каматните стапки, берзите паднаа во црвената зона. Индексот S&P 500 загуби 1,7 отсто од вредноста, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 1,4 отсто. Европскиот Euro Stoxx 50 се намали за 0,5 проценти. Но во утринското тргување на берзите во Азија сликата е мешана, почнувајќи од јапонскиот индекс, кој падна за 0,3 отсто, завршувајќи до хонгконшкиот, кој порасна за 1,2 отсто.
Негативни резултати бележи и нафтата. Имено, откако во првите три дена неделава порасна за шест проценти, ВТИ за испорака во мај утрово падна за 0,9 отсто, на 70,29 долари. Нафтата брент, исто така за испорака во мај, загуби 0,7 отсто од вредноста, со што барел чини 76,12 долари.
Вредноста на еврото се зголеми за 0,5 проценти во однос на американскиот долар и сега овие две валути се тргуваат по курс од 1,0906 долари за евро. Златото се зголеми за 0,4 отсто, искачувајќи се на 1.977,19 долари.
На криптопазарот размрдувањето е сосема мало, но сепак позитивно. Вредноста на биткоинот се покачи за 0,1 отсто, на 27.432,08 долари, а етерот се зголеми за 0,2 отсто, на 1.741,15 долари.
Денеска читајте...
Македонците на јуриш за сезонска работа во странство. Моментално најатрактивни дестинации се Хрватска, Германија и Англија. Практиката покажува дека тие што биле на пример во Хрватска и се задоволни од работата, следната година со себе повлекуваат уште два-тројца пријатели или роднини. Најмногу се бараат работници во угостителството, градежништвото и земјоделството.
Според посредниците за работа, Македонија годишно нуди од 15.000 до 20.000 сезонски работници, а во последниот период апликантите речиси воопшто и не избираат каква работа ќе добијат и во која земја има отворени понуди за сезонска работа.
Има ли македонски банки изложени во „Кредит Суис“ и има ли паника овде?
Под еден процент од вложувањaта на домашните банки се пласмани во хартии од вредност што се издадени од странски издавачи. Со ова банкарскиот сектор, како што велат од Народната банка, е позаштитен од ризици слични на тие на кои бевме сведоци во минатиот период.
Прашавме дали има наши финансиски институции што имале хартии од вредност во швајцарската банка, со оглед на тоа што има обврзници издадени од „Кредит Суис“ што беа практично збришани.