Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира корисниците на апликацијата Мој ДДВ дека е извршено нејзино приспособување во согласност со измените и дополнувањето на Законот за враќање дел од данокот на додадена вредност за физички лица, објавен во „Сл. весник на РСМ“ бр. 65/2023, на 23.3.2023 година.
„Тоа значи дека сите корисници на Мој ДДВ ќе треба да ја преземат новата верзија на апликацијата од Плејстор (Playstore), Апстор (Appstore) и Хуавеј апгалери (Huawei appgallery). Измените веќе се видливи во апликацијата Мој ДДВ во верзијата 2.1.6.“, наведува УЈП.
Исплатите со зголемен максимален износ од 2.100 денари по корисник за скенираните фискални сметки во првото тримесечје од годинава ќе се реализираат во мај.
Според УЈП, во моментов апликацијата Мој ДДВ ја користат 523.673 граѓани, a бројот на нови корисници секојдневно расте. „Од почетокот на мерката до денес кај граѓаните се вратени близу шест милијарди денари“, информираат од УЈП.