Фудбалските клубови во најелитните англиски лиги се обвинети дека избегнуваат данок на индустриско ниво, при што само во Премиер-лигата се забележани 470 милиони фунти (582 милиони долари) како изгубени даноци од 2015 година. Клубовите во првата и пониските лиги избегнувале плаќање данок кон Даночната и царинска управа преку склучување лажни договори, смета „Такс полиси асошиејтс“ (Tax Policy Associates), непрофитна советодавна фирма, основана од поранешниот адвокат на „Клифорд ченс“, Ден Нидл.
Даночната и царинска управа во соопштението потврди дека разгледува голем број активни случаи што се истражуваат за тоа, но одбива да навлезе во дополнителни детали.
„Целта на шемата е да се избегнат даноците за вработување и ДДВ за големите провизии платени на фудбалските агенти. Во реалноста, овие агенти работат за играчите“, се вели во извештајот објавен денеска.
Извештајот на „Такс полиси асошиејтс“ се фокусираше на таканареченото двојно застапување, каде што фудбалските агенти што ги претставуваат играчите за време на преговорите за договори и трансфери се платени за дејствување и за клубот и за играчот. На тој начин се избегнуваат даноците за вработување и ДДВ кога клубот му плаќа половина од таксите на агентот, како што е сегашната стандардна практика, иако тие се вработени и работат во име на играчот. Ако играчот целосно му го плати хонорарот на својот агент, ќе треба да ѝ плати значителни даноци на Даночната и царинска управа.
„Внимателно ги проверуваме договорите меѓу клубовите и вработените и тесно соработуваме со фудбалската индустрија за да се едуцираме и директно да се справиме со даночниот ризик. Од 2015 година од сите даночни области во фудбалската индустрија, повративме 573 милиони фунти, кои инаку би биле неплатени“, рече портпаролот на Даночната и царинска управа во коментар испратен по електронска пошта.
Портпаролот на Премиер-лигата рече дека се во редовни разговори со Даночната управа за таксите за агенти и дека клубовите се целосно свесни за најновите даночни правила во врска со таксите за агентите.