ММФ: Македонија годинава со раст од 1,4 отсто и инфлација од 9,2 отсто
Македонија ќе ја заврши годинава со висока инфлација од 9,2 отсто и раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 1,4 отсто. Вакви се прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во најновиот извештај, објавен денеска.
Очекувањата за земјава се дека економскиот раст ќе се забрза во наредната година, за кога се прогнозира дека ќе изнесува 3,6 отсто. Во однос на потрошувачките цени, пак, ММФ очекува нивно нормализирање веќе во следната година, за кога прогнозите се дека инфлацијата во Македонија ќе биде 3,5 отсто.
Економскиот раст на глобално ниво се очекува годинава да биде 2,8 отсто, а во 2024 година да се покачи на три отсто. За еврозоната, пак, очекувањата на ММФ се дека економијата оваа година ќе порасне за 1,3 отсто, а следната за 1,4 отсто. Фондот предвидува дека еврозоната ќе има годишна инфлација од 4,9 отсто во 2023 година, а во 2024 растот на цените ќе се намали на три отсто.
Неповолно мислење на ДЗР за објективноста на финансиските извештаи на МЕПСО
Неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива изрази Државниот завод за ревизија (ДЗР) за ревизијата на финансиските извештаи на АД МЕПСО за 2021 година.
Ревизорите утврдиле дека дадените препораки на овластениот државен ревизор за 2016 година, кои се однесуваат на ИТ-стратегијата и на воспоставените ИТ-контроли на системите, во најголем дел не се спроведени, при што и понатаму има влијание и присуство на високи ризици во финансиските ИТ-процеси на работењето на друштвото.
Иако надлежните служби во континуитет преземаат активности, не е извршено целосно потврдување на состојбата на земјиштето евидентирано во трговските книги, при што постојат разлики меѓу сметководствената состојба, фактичката состојба и имотните листови.
Во услови на зголемување на цената на електричната енергија, некои од трговците континуирано ја намалувале набавката на струја од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на АД МЕПСО Скопје за снабдување на нивните потрошувачи. Тоа предизвикало драстично зголемување на трошоците на МЕПСО кон европскиот електропреносен систем.
„АД МЕПСО Скопје потпишал договори за репрограмирање на нивните достасани, а ненаплатени долгови. Во декември 2022 година побарувањата по основа на склучени договори за репрограмирање за повлечена електрична енергија од електропреносниот систем изнесуваат 883.802 илјади денари или над 14 милиони евра, при што постојат ризик и неизвесност од нивна наплата“, велат од ДЗР.
Голем раст на цената на шеќерот на светските берзи
Шеќерот забележа најголем ценовен скок во повеќе од една деценија поради зголемените грижи за ограничените резерви, заканувајќи се да го задржи притисокот врз глобалната инфлација на храната.
Фјучерсите на белиот шеќер денеска скокнаа за 4,3 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од 2011 година. Цените на засладувачот растат поради можноста за ограничен извоз од клучниот снабдувач Индија, како и поради слабите резерви од други земји, вклучувајќи ги и Пакистан и Тајланд.
Од друга страна, постои загриженост дека неодамнешното зголемување на цената на нафтата може да ги поттикне бразилските и индиските фабрики да пренасочат повеќе трска за производство на етанол. Мелничарите во тие земји можат сами да одлучат дали ќе произведуваат повеќе шеќер или биогориво, секако во зависност од тоа што е попривлечно.
На берзите...
Расположението на инвеститорите на берзите е разновидно. Така, утрово индексот S&P 500 е сосема малку променет, додека технолошкиот индекс Nasdaq 100 загуби 0,7 отсто од вредноста. Слично е и во Азија, каде што берзанските индекси се движат од пад од 0,6 отсто до раст од 0,7 отсто.
Нафтата се задржа блиску до највисокото затворање од јануари, бидејќи трговците ги следат ограничувањата во снабдувањето и извештајот на американската индустрија, што укажа на уште еден пад на резервите на сурова нафта.
Откако вчера цената на ВТИ за испорака во мај се зголеми за 2,2 отсто, утрово порасна само за 0,1 отсто и се тргува по цена од 81,57 долар за барел. За 0,1 отсто се покачи и цената на нафтата брент за испорака во јуни и сега барел чини 85,68 долари.
Вредноста на еврото се зголеми во однос на американскиот долар за 0,1 отсто, така што сега се тргуваат по курс од 1,0924 долар за евро. Златото поскапе за 0,7 отсто, искачувајќи се над психолошката граница од 2.000. Поточно, цената на унцата утрово е 2.017,24 долари.
На криптопазарот расположението е значително послабо. Вредноста на најголемиот токен, биткоинот, падна за 0,8 отсто, на 29.953,43 долари. Со тоа криптовалутата повторно се врати во зоната под 30.000 долари, граница што успеа да ја мине во текот на вчерашното тргување. Етерот, пак, падна за 1,6 отсто и сега се тргува по цена од 1.864,09 долари.
Денеска читајте: Зеленото сценарио поцрне, лани потрошивме многу јаглен
Колку ланската енергетска криза ја оддалечи земјава од целите пропишани со енергетската стратегија? Стратегијата беше усвоена во 2019 година и разработи три сценарија што земјата требаше да ги исполни до 2040 година.
Според тие сценарија требаше да се намалува употребата на јаглен за сметка на зголеменото производство на струја од обновливи извори на енергија, но и да поттикне поголеми заштеди на енергија или енергетска ефикасност. Две од трите сценарија во стратегијата, сценариото на умерена транзиција и зеленото сценарио, ја исклучуваат употребата на јагленот по 2025 година поради неговата ценовна неконкурентност.
Но анализите покажуваат дека ланската година употребата на јаглен беше значително зголемена во однос на целите што беа поставени со стратегијата.