Зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто ја изненади Светската банка
Светската банка има низа забелешки на последните владини потези. Зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто, според нив, не е во ред. Оттаму тврдат дека ваквиот потег во услови на висока инфлација прво е неочекуван, а второ покажува дека нема координација во политиките меѓу монетарната и централната власт за борба со инфлацијата. Затоа банката очекува одлуката да биде коригирана.
Ниту мерката за замрзнување на цените, според Светската банка, не е мерка што е одржлива на долг рок, иако се спроведува во повеќе земји. Според проекциите на Светската банка, инфлацијата и годинава ќе биде висока поради високите цени на суровините. За годинава Светската банка проектира девет, а за идната година три отсто инфлација.
И покрај предупредувањата, Владата одлучи да ја продолжи мерката за замрзнати маржи на дел од основните производи за уште два месеца, односно ќе бидат во сила до 30 јуни.
„Со оваа одлука, највисоката трговска маржа за бел леб (сечен на парчиња или цел), бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува во висина до пет проценти во трговијата на големо и до пет проценти во трговијата на мало“, пишува во соопштението од Министерството за економија. Оттаму додаваат дека највисоката трговска маржа за брашно од пченица, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврдува во висина до 10 проценти во трговијата на големо и до 10 проценти во трговијата на мало.
Извезуваме лекари и стручни работници, увезуваме директори и спортисти
Според податоците што ни ги доставија од Агенцијата за вработување, од 1 јануари до 24 април во земјава биле издадени 1.615 дозволи за работа на странски државјани.
Но она што прво паѓа в очи од извештајот на Агенцијата е дека најголем број лица што годинава добиле дозвола за работа во земјава не се од дефицитарните струки, туку се управители. Следуваат градежните работници, а високо котираат и фудбалерите и ракометарите. Најголем број лица што добиле дозвола за работа во земјава се од Турција, следуваат граѓаните на Косово, а потоа од земјите од Отворен Балкан - Србија и Албанија.
Паралелно со дебатата за увоз на работна сила, во Собранието во тек е и постапката за измена на Законот за работни односи, со што треба да се овозможи работа и до 60 часа неделно, наместо сегашните 40, за случаи од национален и стратегиски интерес.
И додека Европа го користи потенцијалот на бегалците, Македонија тешко им дава дозвола за работа. Практиката покажува дека бегалците можат да работат во државата во која добиле азил и можат да пристапат до други важни услуги. Тоа го потврдуваат и од УНХЦР.
„Но барателите на азил не можат во практика да пристапат до пазарот на трудот иако законот им го дозволува тоа по девет месеци од нивното поднесување на барањето за азил бидејќи не може да им се издаде матичен број, без кој, пак, не можат да се вработат. Многу од државите во Европа им дозволуваат на барателите на азил да започнат да работат веднаш, препознавајќи го придонесот што можат да им го донесат на заедницата и економијата“, велат од УНХЦР. За жал, за разлика од Европа, кај нас се чини дека ситуацијата не е слична.
На берзите...
Се чини дека инвеститорите на берзите утрово воопшто не се расположени. Индексот S&P 500 падна за 1,6 отсто, а технолошкиот Nasdaq 100 за дури 1,9 отсто. Меѓу азиските берзански индекси, хонконшкиот е единствениот што е во позитива, со раст од еден отсто, додека сите преостанати се во минус во опсег од 0,1 до 1,2 отсто.
Нафтата се искачи повисоко, анулирајќи дел од падот во вторникот, предводен од загриженоста за изгледите за глобалната економија. По вчерашниот пад од 2,2 отсто, фјучерсите на ВТИ за испорака во јуни утрово пораснаа за 0,5 отсто, на 77,47 долари за барел. Нафтата брент, пак, ја зголеми својата вредност за 0,4 отсто, искачувајќи се на 81,07 долар.
Еврото и денеска е со мала промена во однос на доларот, иако во континуитет неговата вредност расте. Утрово курсот по кој се тргуваат овие две валути изнесува 1,0975 долар за евро. Златото загуби 0,1 отсто од вредноста и се тргува по цена од 1.995,02 долари за унца.
На криптопазарот се забележува позитивно расположение, за разлика од претходно, па биткоинот ја зголеми својата вредност за 1,2 отсто, со што се искачи на 28.314,56 долари, додека етерот порасна за 0,2 отсто, на 1.864,84 долари.
Денеска читајте...
Во март годинава почна подготовката на законот за финансиски инструменти. Моментално за домашните инвеститори нема активен пазар со деривативни финансиски инструменти, како фјучерси, опции, емисиони квоти и деривативни инструменти за пренос на кредитен ризик. Една од позначајните новини на овој закон е токму можноста инвеститорите во Македонија да инвестираат во нови видови деривативни финансиски инструменти исто како и инвеститорите од странство.
Друга значајна новина што ќе ја предвидува законот се регулираните пазари односно платформи за тргување. Овие платформи за тргување ќе овозможат инвеститорите, освен преку берзата, да тргуваат со финансиски инструменти и на други регулирани пазари, како што се Мултилатералната платформа за тргување и Организираната платформа за тргување.
Нова битка: Како да се задржат странските инвеститори?
Големи поместувања има во регионот Адрија кога се во прашање директните странски инвестиции (СДИ), кои меѓу другото покажуваат дека освен битка за привлекување странски инвеститори, во иднина ќе се води и борба за задржување на постојните инвестиции. Македонија ја заврши минатата година со странски директни инвестиции од 753 милиони евра, што е повеќегодишен рекорд. Позитивните трендови во однос на странските инвестиции продолжуваат и годинава, со оглед на тоа што тајванската компанија „Јагео“ официјално соопшти дека влегува во Македонија.
Во извештајот на Светската банка се укажува дека Македонија лани имала СДИ-приливи еднакви на 5,2 проценти од БДП, а во Србија имало странски инвестиции еднакви на 7,1 проценти од БДП. Според прогнозите на Светската банка, во наредните две години ќе има промена на трендовите и Македонија ќе ја надмине Србија во однос на стапката на странски инвестиции како процент од БДП.