ФЕД очекувано ги зголеми каматите за 25 базични поени, а сигнализира пауза
Банката на федерални резерви (ФЕД) вчера ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен и навести дека тоа можеби е последниот потег во најагресивната кампања за затегнување на монетарната политика од 1980-тите години бидејќи економските ризици се зголемуваат.
„Комитетот внимателно ќе ги следи дојдовните информации и ќе ги процени импликациите врз монетарната политика“, се вели во соопштението на Федералниот комитет за отворен пазар.
Најновото зголемување ја подигна референтната стапка на федералните фондови на ФЕД до целниот опсег од 5 до 5,25 проценти, што е највисоко ниво од 2007 година, од речиси нула, колку што изнесуваше на почетокот на минатата година. Гласањето беше едногласно.
Ваквиот потег беше очекуван за аналитичарите, кои предвидуваат токму толкаво покачување на каматите на овој состанок на ФЕД.
„Сметаме дека ФЕД и понатаму со подигање на каматната стапка, што е негова првична задача, сака да ја сузбие инфлацијата, која засега не покажува остро забавување - најновите читања и на дефлаторите на ЦПИ (анг. CPI - индекс на потрошувачки цени) и на ПЦЕ (анг. PCE - индекс на лична потрошувачка) сè уште се значително над целта од 2 отсто. Исто така, иако пропадна уште една регионална американска банка, пазарите веќе го вклучија овој настан во своите очекувања, особено затоа што ја презеде една од најголемите светски банки, „ЏП Морган“ (JPMorgan), велат аналитичарите на „Блумберг Адрија“.
ББА-анализа: Прогресивен данок ќе ја намали цената на становите
Пад на цените на недвижностите за пет проценти, мал раст на градежништвoто благодарение на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти и натамошно продлабочување на проблемот со работната сила во секторот прогнозира аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во својата најнова анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
Главна причина за намалувањето на цените ќе биде помалата понуда поради падот на побарувачката, кој се должи на построгото кредитирање во споредба со минатата година, бидејќи кредитните стандарди полека но сигурно се заоструваат, што ќе го поскапи задолжувањето.
До долгонајавуваниот пад на цените на недвижностите, според нашите аналитичари, освен поради зголемувањето на каматните стапки, кои ќе ја ограничат побарувачката, треба да дојде и поради ниските реални приходи и високата инфлација.
Балканска берза решение за слабата ликвидност на Македонската?
Тешко е да се најде инвеститор, експерт или аналитичар што би бил задоволен од моменталната состојба на пазарот на капитал во регионот Адрија. Консолидацијата е едно од можните решенија и веќе постои одреден степен на консолидација во регионот на ниво на берзанска сопственост. Покрај Македонската, Загрепската и Љубљанската берза, во регионот функционираат и Белградската берза и берзите во Бања Лука и Сараево во Босна и Херцеговина.
Една таква иницијатива е проектот СЕЕ линк (SEE Link), кој пред повеќе од осум години го почнаа берзите во Бугарија, Македонија и Хрватска, а кој сега влегува во друга фаза од развојот. Платформата што беше формирана е впрочем регионална инфраструктура за тргување со хартии од вредност што котираат на пазарите што се вклучени и познавачите се согласни дека сега е вистинското време да се додаде нова вредност во проектот. Подоцна, освен основачите, во платформата се вклучија и Белградската и Љубљанската берза, берзата во Бања Лука и Сараевската берза.
Според познавачите, една регионална берза, или барем регионална берза за најголемите компании во регионот, би имала смисла, но тоа е тешко да се спроведе во практика бидејќи регионот е многу хетероген: имаме различни валути, различни системи за порамнување трансакции, регулативите и системите за тргување се исто така различни. Можно решение е таканаречената двојна котација на најважните блу-чипови од регионот на една од берзите.
На берзите...
По првичниот пад на акциите, сега тие се во фаза на закрепнување, бидејќи инвеститорите ги оставија настрана коментарите на ФЕД против намалувањата на каматните стапки и гледаат напред кон евентуален пресврт и олеснување на монетарната политиката. Ова следува откако синоќа ФЕД ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени и ја отвори вратата за пауза во јуни, но ја намали можноста за намалување на каматните стапки подоцна во годината, сценарио што цврсто се рефлектира во пазарните цени.
Индексот S&P 500 падна за 0,7 проценти, а технолошкиот Nasdaq 100 загуби 0,6 отсто од вредноста. Европскиот индекс Euro Stoxx 50 се намали за само 0,1 отсто, додека азиските берзански индекси се со мешани резултати и движат од пад од 0,2 отсто до раст од еден процент.
По бранот на продажба во текот на минатата недела, не беше изненадување кога фјучерсите на американската сурова нафта утрово отворија пониско, но малку трговци беа подготвени за падот од 7,2 проценти, кој се случи во првите драматични минути од тргувањето. ВТИ падна за речиси пет долари за барел за неколку секунди кратко време по отворањето во Азија, а потоа закрепна и во моментов се тргува по цена од 68,75 долари за барел. За разлика од ВТИ, нафтата брент одговори со мал пад од еден долар.
Еврото ја зголеми вредноста во однос на доларот, искачувајќи се на ниво од 1,1081 долар за евро. Златото претрпе сосема мали промени.
На криптопазарот има позитивно расположение меѓу инвеститорите, па најголемиот токен, биткоинот, порасна за 1,8 отсто, на 29.036,33 долари, додека етерот ја зголеми својата вредност за 1,4 отсто, на 1.900,13 долари.
Денеска читајте...
Се зголемува интересот меѓу македонските граѓани и фирми за инвестирање во хартии од вредност во странство, а најдобар показател за тоа е што во првото тримесечје од 2023 година вкупниот промет од тргување со акции и други хартии од вредност на странски пазари изнесувал околу 12,2 милиони евра. Притоа, тргувањето со акции доминира со учество од 81 процент во вкупниот промет на странски пазари, а по него следува прометот со обврзници со учество од 15 проценти.
Кај прометот од тргување со хартии од вредност на странски пазари може да се забележи тренд на континуиран пораст во изминативе неколку години, кој подзабави во текот на минатата година, главно поради економската криза.
Нудиме и анализа за тоа кои компании од земјава и регионот откупуваат сопствени акции. Откупот на сопствени акции има смисла и за компаниите и за економијата. Тоа може да биде алатка за зголемување на финансиската писменост и мотивација за задржување на клучните вработени во компанијата.
Понекогаш во регионот купувањето сопствени акции се смета за непотребно трошење на средствата на компанијата, а малите акционери често сакаат исплата на дивиденда, иако тоа не е оптимално решение од даночен аспект. Од десетте компании од македонскиот индекс МБИ 10, половината не поседуваат сопствени акции, а преостанатите пет откупуваа сопствени акции.