Европската централна банка (ЕЦБ) го оцени како неуспешен обидот на финансиската индустрија да промовира повеќе жени на високите работни позиции и вети дека неуморно ќе работи за да обезбеди банките да постават веродостојни и амбициозни цели за различноста.
„Банкарството е сè уште машки свет“, рекоа денеска Френк Елдерсон, член на Извршниот одбор на ЕЦБ, кој е и потпретседател на нејзиниот Надзорен одбор, и Елизабет Меккол, членка на Надзорниот одбор на ЕЦБ.
„Иако има некои подобрувања, кога ќе ги погледнеме вистинските поставени цели може само да го изразиме нашето разочарување“, напишаа тие.
ЕЦБ од 2021 година ја интегрира родовата разновидност во својот водич за таканаречени соодветни и правилни процени, кои се користат за да се обезбеди вистински вредните високи менаџери да завршат во водечките банки. Наспроти тоа, Елдерсон и Меккол го окарактеризираа како несреќен фактот што од 361 извршен директор, именувани во таканаречените значајни институции и нивните подружници помеѓу 2020 и 2022 година, повеќе од 300 се мажи.
„Во просек, банките на крајот на минатата година ги зголемија целите за различност во телата на управување на 34 проценти од 32 отсто во 2020 година. Но околу една третина од значајните институции сè уште не ги исполниле сопствените цели. Со оглед на досега измерениот напредок, се сомневаме дека овие цели би можеле да се постигнат наскоро“, напишаа Елдерсон и Меккол.
Условот од новата директива на Европската Унија (ЕУ) за жени налага одборите да се сметаат за избалансирани само кога секој пол сочинува најмалку 40 проценти.
„Ќе ги користиме надзорните алатки што се веќе достапни во рамките на националното законодавство за да инсистираме банките да ги подобрат и да ги решат сите недостатоци во внатрешното управување во врска со родовата разновидност“, рекоа Елдерсон и Меккол.
Во меѓувреме, една неодамнешна студија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги осуди централните банки за заостанување кога станува збор за родовата различност. Истражувањето на ММФ, во кое беше вклучена и ЕЦБ, покажа дека централните банки во просек помалку од половина позиции ги пополнуваат со жени, а жените што ги вработиле завршиле на послабо платени административни позиции или во сектори за човечки односи, покажува студијата.