Минимална пензија од 700 евра долго ќе биде само празен сон за македонските граѓани, но не и за Словенците каде што набрзо се очекува воведување на загарантиран минималец во овој износ. И љубителите на спортот може само да се надеваат дека македонскиот фудбал ќе го достигне високото ниво што со многу пари и упорност го достигна Саудиска Арабија со нивната лига за која Кристијано Роналдо изрази очекувања дека ќе биде меѓу петте најсилни во светот. ЕЦБ не враќа во реалноста со предупредување дека борбата против високата инфлација ќе трае малку подолго од очекувањата...
Подолу вестите што треба да ги знаете ова утро:
*Нафта „пиеме“ сè повеќе, најмногу од Грција
Драстичен раст на увезените количества нафтени деривати имало во Македонија во текот на минатата година, а најмногу се трошело дизел-гориво.
Најголем увозник минатата година, како и претходните, е „Окта“, која учествува со 75,84 проценти во вкупниот увоз, потоа следуваат „Супертрејд“, „Лукоил Македонија“, „ОМ петрол“, „Црна Река петрол“, РКМ и другите трговци со помалку од 5 проценти учество во вкупниот увоз на нафтени деривати во 2022 година.
*Новиот директор на ЕСМ: Владата лани ни префрли 177 милиони евра
И до половина век старите енергетски капацитети во земјава се во трка со времето. Од една страна да ги задоволат потребите за струја во услови на најголема енергетска криза, за која е неизвесно дали е завршена, а од друга страна да ги фатат роковите за таканареченото „зелено сценарио“, односно да транзитираат кон еколошко производство.
За овие предизвици разговараме со новиот директор на домашната компанија за производство на струја АД „Електростопанство на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Стефанов.
*Холдингот на Кочо Анѓушев изгради биогасна електрана
Холдингот „Фероинвест/Централинвест“ во сопственост на Кочо Анѓушев изгради биогасна електрана, како дел од својата групација на електрани од обновливи извори.
Електраната во с. Сарамзалино е со моќност од 2 мегавати, се градела две години и чини 12 милиони евра. Станува збор за биогасна електрана од последна генерација со најмодерна инсталирана технологија. Годишно ќе произведува 16.640 мегаватчасови електрична енергија која може да ги задоволи потребите на 15.000 луѓе.
*„Гугл“ ќе промовира маркетинг алатки со вештачка интелигенција
„Гугл“ (Google) ќе промовира нови алатки кои ќе користат вештачка интелигенција за да им помогне на професионалците од маркетинг индустријата да креираат реклами. Компанијата настојува да ја прошири употребата на вештачката интелигенција во производите и да профитира од растечката побарувачка за новата технологија.
*ББА: Атлантик даде неочекувано висока понуда за Штраус Адријатик
Долго се чекаше обврзувачката понуда од „Атлантик“ за аквизиција на „Штраус“. Како што објавивме во нашиот извештај во кој го анализиравме работењето на „Атлантик Група“и како што најави менаџментот во неколку јавни настапи, „Атлантик“ беше сериозно заинтересирана за аквизицијата и таа беше само прашање на време. Она што не изненади во целата приказна е вредноста на трансакцијата.