Водечка асоцијација на светски производители на чипови предупреди дека „Хуавеј“ (Huawei Technologies) гради низа тајни фабрики за полупроводници низ Кина, мрежа на производствени капацитети во сенка што ќе ѝ овозможи на кинеската компанија, која е на црната листа на САД, да ги заобиколи санкциите и да ги следи своите амбициозни технолошки планови. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете денеска...
Како ќе се движат цените на храната?
Од септември повисока цена ќе имаат околу 1.500 прехранбени производи затоа што данокот на додадена вредност ќе се зголеми од сегашните пет на десет отсто. Власта уверува дека со измените во Законот за ДДВ ќе бидат опфатени само луксузни производи. Беше најавено дека листата ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за финанси, но таму сè уште ја нема.
Дали зголеменото ДДВ за некои прехранбени производи ќе иницира зголемување на цените на храната во земјава во текот на зимските месеци? Минатата недела мелничарите рекоа дека тоа е можно и најавија зголемување на цената на лебот за денар-два уште од септември.
Клима, дрва или пелети - со што да се згрее домот?
Грејната сезона полека се приближува, време е да се размислува со што да се затоплува домот и како тоа да биде поекономично кога сите други трошоци се високи.
Огревно дрво, инвертер-клими, печки на пелети се три начини за греење во зимскиот период што најчесто ги одбираат Македонците. Секако, скопјани ја имаат и опцијата за парно греење, но за неа цената ќе се знае пред почетокот на зимската сезона од 15 октомври.
Анализираме како се движат цените и колку ќе го чини едно домаќинство затоплувањето на домот во шестмесечната грејна сезона.
Кина забавува сè повеќе, а тоа се шири низ целиот свет
Кинеската економија годинава требаше да стимулира една третина од глобалниот економски раст, така што нејзиното драматично забавување во последните месеци предизвикува тревога низ целиот свет.
Креаторите на политиките се подготвуваат за удар врз нивните економии, бидејќи кинескиот увоз на сè, од градежни материјали до електроника, драстично опаѓа.
„Блумберг“ подготви преглед на тоа како забавувањето на Кина се шири низ економиите и финансиските пазари.
Лагард стои настрана во дебатата за следниот потег на ЕЦБ
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, остана надвор од дебатата за тоа дали ЕЦБ треба да ги зголеми каматните стапки десетти пат по ред следниот месец - дури и кога некои од нејзините поискусни колеги се обидоа да ја отворат дебатата за пауза.
Ниту во својот говор ниту во разговорот за ТВ Блумберг пред викендот, Лагард не беше поконкретна дали одлуката во септември ќе биде за зголемување или пауза.
„Најважно е очекувањата за инфлацијата да останат закотвени на два процента“, рече Лагард во интервјуто со Том Кин на годишниот состанок на Федералните резерви (Фед) во Џексон Хол, Вајоминг.
Тејлор Свифт, Бијонсе и „Барбенхајмер“ им носат милијарди на САД
Треската предизвикана од Тејлор Свифт, Бијонсе и филмското дуо „Барбенхајмер“ ѝ дава сериозен поттик на американската економија.
Турнеите на мегаѕвездите и блокбастер-филмовите се очекува да додадат до 8,5 милијарди долари на американскиот раст во третиот квартал, според „Блумберг економикс“. Околу 50-те американски концерти што пејачките ги закажаа би можеле да додадат 5,4 милијарди долари на бруто-домашниот производ, додека филмовите „Барби“ и „Опенхајмер“ се предвидува да додадат околу 3,1 милијарди долари од потрошувачите и од меѓународната продажба на билети.