Поминува една исклучително турбулентна недела. Почна со скандалот во Клиниката за онкологија, каде што се води истрага за да се види дали пациентите болни од рак добивале точна и целосна терапија и дали дел од скапите лекови наменети за нив завршувал во Косово. Граѓаните излегоа и на протест шокирани од информациите што излегоа во јавноста.
До крајот на неделата овој скандал беше заменет од друг. Во најитна можна постапка, со европско знаменце, Собранието го измени Кривичниот законик, со што се намалуваат казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба за функционерите.
Покрај вакви скандали, кој уште прашува за инфлацијата и за буџетот? А инфлацијата по деветмесечен пад, во август стагнира на 8,3 отсто. Трендот е сличен како во еврозоната, а стравот го подгреваат цените на храната и нафтата.
Буџетот, пак, како што напиша „Блумберг Адрија“ минатата недела, нема да се прекројува со ребаланс туку само ќе се прераспределат пари за да се обезбеди потребната сума за непланираното зголемување на платите во државната администрација, за тие да го следат трендот во приватниот сектор. Нашите аналитичари велат дека платите одамна не растеле со вакво брзо темпо.
Дали растот на платите ќе биде доволен да ги покрие ратите за станбените кредити кога зголемувањето на Еуриборот и каматата на благајничките записи ќе почне да се рефлектира врз нив? Според податоците на НБРМ, три четвртини од станбените кредити се безбедни до 2025 година.
Освен каматите, растат и провизиите за онлајн трговците со платежни картички. Во овој правец НБРМ до крајот на месецот ќе овозможи увид во надоместоците што ги наплаќаат банките.
Германската, најголемата европска економија, и натаму силно ги чувствува последиците од енергетската криза. На пат е да го изгуби статусот на автомобилска велесила, а се намалуваат и нарачките во фабриките.
Ништо подобро не се случува ни на македонскиот пазар на капитал. И во август продолжи падот на Македонската берза, па анализиравме дали ни е потребно романско сценарио за нејзино заживување.
Првата недела од септември децата ја поминуваат без учебници, но тендерот е распишан и се чека печатењето. Од комисијата за антидискриминација сметаат дека имаат основа да ја тужат државата што не обезбеди книги за учениците навреме. Во меѓувреме, децата пишуваат домашна пред компјутер, исто како за време на пандемијата. И половина од работниците уште работат како во тоа време, оддома.
Неделава нè потсети на уште еден голем проблем. Климатските промени, кои се резултат на нашето дејствување, донесоа страшни поплави во Грција поради бурата Даниел. Додека регионот брои жртви од невремето, Западна Европа ја зафати уште еден топлински бран.