Сателитски фотографии прикажуваат дека површината на земјиште засадено со кока, која се користи како суровина за производство на дрогата, се искачило на 230.000 хектари во 2022 година, што е зголемување за 13 отсто од претходната година.
Тоа е доволно за да се произведат 1.700 тони рафиниран кокаин, најмногу досега, според извештајот објавен од канцеларијата на ООН за дрога и криминал. Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот од денот.
Странци го пикираа македонското сонце
Се зголемува бројот на странски компании кои сакаат да инвестираат во капацитети за производство на струја од сончева енергија во Македонија. Тие зачестено купуваат македонски фирми кои веќе развиваат проекти за изградба на фотонапонски електроцентрали или т.н. сончеви електрани.
Енергетската криза и енормното поскапување на струјата предизвикаа 2022 година да стане рекордна по инвестиции во изградба на капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија. Лани беа изградени вкупно 267 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија кои придонесоа производствениот капацитет да се зголеми за 18 проценти или во апсолутен износ за 144,4 MW.
БДП тргна надолу: Германската криза го „турна“ македонскиот извоз
Бруто-домашниот производ (БДП) во вториот квартал од оваа година порасна само за 1,1 отсто. Ова е забавување на економијата во однос на претходниот квартал, кога БДП забележа раст од 2,1 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Единствен елемент што е во позитива во вториот квартал е потрошувачката. Кај финалната потрошувачка растот изнесува 0,8 отсто, а потрошувачката кај домаќинствата забележа раст од 1,6 отсто.
Функционерите од ЕЦБ поделени во пресрет на состанокот
Одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) носи неизвесност за инвеститорите, но дури и учесниците на состанокот не се сигурни за неговиот исход, според луѓе запознаени со ова прашање.
Во Франкфурт во текот на следните два дена ќе се одржи интелектуална пресметка, каде што двете страни во расправата имаат подготвено муниција за дебатата, вклучително и спротивставените сигнали во најновите економски податоци и проекции.
Прогнозите за Германија се подобруваат, но ризици има и натаму
Довербата на инвеститорите во германската економија веќе втор месец по ред расте, иако и натаму е на ниво што носи загриженост за статусот на растот на земјата.
Мерачот на очекувањата на институтот ЗЕВ (ZEW) се искачи на -11,4 во септември од -12,3 во август. Иако тоа е подобро отколку што предвидоа економистите во истражувањето на „Блумберг“, сепак е далеку под долгорочниот просек за индикаторот. Индексот на тековните услови се влоши на -79,4.
Германија, која повеќе се потпира на производството од другите напредни економии, се бори со падот на побарувачката на стоки од повторното отворање по пандемијата и енергетскиот шок предизвикан од руската инвазија на Украина. Производството стагнираше во вториот квартал по рецесијата од претходните шест месеци.
„Барклис“: Бумерите се виновни за високите цени на становите
Eкономистите во „Барклис“ (Barclays Plc) на поинаков начин го објаснуваат чудно еластичниот пазар на станови во Америка. Во белешката насловена „Обвинете ги бумерите“ тие го вперуваат прстот кон милиони постари Американци што придонесуваат да се зголеми побарувачката за домови.
Иако идејата дека постарата популација ги одржува цените на домовите високи можеби изгледа контраинтуитивно (на крајот на краиштата, стареењето и евентуалното опаѓање на населението теоретски би требало да ја намалат побарувачката на станови), аналитичарите на „Барклис“ тврдат дека моментално сме во кризна точка каде што сè повеќе бумери ја достигнуваат возраста за пензионирање и формираат нови домаќинства, а сè уште не се доволно стари за всушност да ја ослободат постојната понуда.