Германската зимска рецесија се чувствува во земјава. Влијанието било особено видливо во вториот квaртал, кога БДП се намали во однос на почетокот на годината од 2,1 на 1,1 отсто. Во однос на истиот период лани, пак, економијата доживеа значителен пад.
Лани во периодот од април до јуни БДП имал раст од четири отсто. Статистичките податоци покажуваат дека извозот е тој што го прави проблемот. За првпат по пандемиската 2020 година, во минатиот квартал извозот беше во негатива, лани пак бележеше двоцифрени стапки. Освен извозот, и градежништвото го влече БДП надолу, овој сектор е веќе во рецесија.
Во моментов, на крајот на третиот квартал, од Германија и натаму не стигнуваат добри вести. Европската комисија во понеделникот ја намали проекцијата за раст и прогнозираше дека германската ќе биде единствената голема економија во Унијата што ќе претрпи контракција. Економистите, пак, прогнозираат дека таа може да тргне и во рикверц.
Сепак, влијанието на германската криза ќе остане ограничено и земјава, исто како и другите во регионот Адрија, нема да влезе во рецесија, сметаат нашите аналитичари. Според нив, потрошувачката е таа што ја крепи македонската економија. Во овој правец, Владата повторно најавува мерки. Откако статистиката покажа дека трендот на намалување на инфлацијата не продолжил, власта ја префрли вината врз трговците што неосновано ги зголемуваат цените и најави дека од наредната недела тие пак ќе бидат замрзнати.
Сепак, кога станува збор за горивата, кои се значителен влезен трошок и за трговците, цената не ја формираат тие, туку регулаторно тело формирано од државата, па над половина од парите за литар гориво одат токму на сметка на државата.
Цените на гасот и натаму флуктуираат поради штрајкот на работниците во извозните локации во Австралија, но иако цената на струјата зависи од цената на гасот, кај нас не се очекуваат драстични промени. Особено поради фотоволтаиците, кои стануваат сè поинтересни за странските инвеститори.