Индексот на трошоците на животот во октомври 2023 година, во однос на октомври 2022 година, бележи зголемување од 3.5 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.4 отсто, напишаа во своето соопштение статистичарите во вторникот. Значи, инфлацијата во октомври годинава била за 3,5 отсто поголема од октомври лани (кога изнесуваше 19,8 отсто). Тој забавен раст на трошоците на живот власта го протолкува како голема победа.
А влегувањето во продавница е поразително за сѐ поголем број граѓани. Едно истражување покажа дека 14.000 граѓани претходната година станале екстремно сиромашни. Според друго истражување, пак, граѓаните очекуваат цените и натаму да растат. И токму таквата лоша економска состојба на македонските домаќинства е причина становите во земјава да се понедостапни за купување отколку во Европа.
Сепак, претходната година некои беа вистински победници. Енергетските компании остваруваа екстра-добивки благодарение на високите цени. За нив веселбата заврши годинава, кога високите добивки се стопија.
Освен инфлацијата, проблем во земјава е и иселувањето, кое ги остави компаниите без работници. Затоа Владата ги зголеми квотите за увоз на работна сила, па на платните списоци на компаниите веќе има над 4.000 странци, од нив најмногу се Турци, а стотина се Индијци. Полека но сигурно регионот станува „ветена земја“ за работниците од Далечниот Исток.
Од светот, за нас се важни вестите што доаѓаат од Германија, а ни тие не се добри. Индустријата таму паѓа над очекувањата, а тоа носи пад и во македонскиот извоз. Нашите аналитичари имаат лоши прогнози за трговското салдо во следниот период. Ниту буџетското салдо не е за радување, па државата малку по малку позајмува од секаде, па и од граѓаните. Овој пат граѓаните ѝ позајмија на државата 17,7 милиони евра, или вкупно 40 милиони евра годинава, кои таа ќе ги врати за две години со пет отсто камата.
Крајот на оваа недела го обележи извештајот на Европската комисија, кој констатира дека во земјава речиси во ниеден сегмент нема напредок на патот кон Европската Унија.