„Ние точно знаеме што направил Анѓушев“, рече американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер на брифинг со македонските новинари пред некој ден, зборувајќи за ставањето на поранешниот бизнисмен и вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа на САД. „Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства“, заклучи Агелер.
Такви се Американците - практични. Од другата страна, нашите политичари се чувствителни. Еве, на пример, поранешниот премиер Зоран Заев, кој му беше шеф на Анѓушев во Владата, соопшти: „Анѓушев е мој пријател и соработник што исклучително го почитувам. Јас го замолив во мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено“.
Нашите политичари со чувства соопштуваат и кога растат задолжувањата на државата. Тоа секогаш го прават со умерени и убави зборови. По изгласувањето на законите со кои државата се задолжува со 250 милиони евра кај Европската Унија, Светската банка, КФВ банката и Фондот на ОПЕК, Министерството за финансии соопшти дека „ова е значајна поддршка во време на криза, особено што условите по кои се обезбедуваат се поволни и овозможуваат заштеди за нашиот буџет“.
Кај нас чувствително се соопштува и веста дека струјата поскапува. Евтина струја требаше да има од 1 декември, ама најголем дел домаќинства сè уште немаат и додека чекаат стигна веста за новата давачка за пристап до мрежа. Но, власта тоа го завитка во обланда и на оние што чекаат евтина струја од 13 до 15 часот им соопшти дека тоа ќе биде еден вид „данок на луксуз“ за оние што имаат многу имоти. Потоа ни кажуваат дека енергетските компании побарале струјата од Нова година да поскапи за 27 отсто. И така, кога ќе биде соопштена конечната одлука за цената, која секако ќе поскапи помалку од 27 отсто, ама сепак ќе поскапи – помалку ќе нè боли.
Глобално, неделава се најважни пораките што ги испраќаат централните банки за движењата на монетарните политики в година. На последните состаноци сите ја оставија рачната крената и најавија пониски камати в година. Инфлацијата забавува, рецесијата чука на врата. Овие два фактора јасно даваат до знаење дека во 2024 година каматите ќе паѓаат, кај некои побрзо, кај некои побавно.
И кај нас инфлацијата забавува, но расходите во новиот буџет ќе бидат вистински предизвик за патеката да остане надолна. Кај нас ни каматите не растат како во Европа, ниту цените на недвижностите не паднаа значително, а нема да се менуваат ни следната година, затоа што на пазарот има изедначување на понудата и побарувачката.
На две недели до крајот на најтоплата година, јасно ни е дека следната ќе биде уште потопла. Прво, затоа што не брзаме со исполнувањето на климатските цели. Второ, затоа што избори се ближат, тоа значи дека никој нема да биде како новиот аргентински претседател, кој бесчувствително и гласно неколкупати повторуваше „повеќе нема пари“.