Откако грдата елка на плоштадот во Скопје стана хит во целиот регион, градоначалничката стави уште една – поубава. Сега, за инает на душманите, на скопскиот плоштад има две елки. Наместо воздух, дишеме канцер цела недела, градски превоз речиси нема, ама затоа има две елки, а падна и првото запросување таму.
Толку за елката, која еве и овде доби незаслужено внимание. Од работите што заслужуваат малку повеќе да ги мислиме е струјата. Сегашната цена ќе ја плаќаме уште десетина дена, потоа таа ќе се зголеми, а ќе биде додадена уште една давачка во неа. Од средината на следната година можеби ќе добиеме и нов снабдувач, а ќе добиеме и нова дејност во енергетскиот сектор. Независни оператори ќе можат да инвестираат во полиња со батерии што ќе ја чуваат струјата што се добива од обновливи извори. Чувајќи ја, тие ќе може да избираат кога ќе ја продаваат, најнормално е да ја продаваат по повисоки цени.
Следната работа што заслужува внимание се платите. Статистика објави дека во октомври просечната плата се зголемила за над 17 отсто на годишно ниво. Се доближи до 39.000 денари. Владата е многу задоволна од растот на платите и со мерки ќе поддржи раст и во следниот период. Во пакетот со антикризни мерки има и закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите, но тоа нема да важи за сите туку само за работниците од градежништвото, угостителството и текстилниот сектор. И синдикатот и работодавците бараат мерките да важат за сите.
Растот на платите е радост за нашата власт, но буди страв кај монетарните власти во развиените земји. Токму нивниот раст е сега најголем ризик за враќање на инфлацијата и задржување на високите каматни стапки, кои, пак, го задушуваат економскиот раст. И ете го маѓепсаниот круг.
Втор елемент што е важен за инфлацијата е храната. Според аналитичарите, во 2024 година, главно, цените ќе останат стабилни затоа што резервите кај земјоделските комбинати се полни со суровини. Друго прашање е колку пестициди има во тоа што го јадеме. Среќа што има луѓе што можат да понудат квалитетни и здрави опции.
Третиот елемент од кој ќе зависи инфлацијата се енергентите. Неизвесност за 2024 година има околу цената на нафтата поради конфликтите на Блискиот Исток и во Украина. Сè поголем проблем станува транспортот преку Црвено Море поради тоа што бродовите се изложени на ризици. Трошоците растат, а осигурителни компании веќе поскапо им наплатуваат на поморските транспортери.
Извесно за следната година е дека ќе биде изборна. И во овој дел сме исти со земјите што сочинуваат 41 отсто од светското население и што носат 42 отсто од глобалниот БДП, пишува „Блумберг бизнисвик“. Пресметките на „Блумберг економикс“ уште покажаа дека в година политички трки ќе има во вкупно 40 нации во целиот свет. Ќе се гласа од Тајван до САД - во земји богати со ресурси, геополитички жаришта, во неколку европски сојузници.