Во Новата година влеговме со стариот воздух. Нема проветрување за нас. Скопјани последен пат дишеле чист воздух за време на викендот на средината на декември. Според податоците на IQAir, во овие три недели само во три дена воздухот бил штетен само за хронично болните и ранливите групи, во сите останати денови воздухот бил отровен за сите и оттука Скопје си го заслужува местото на врвот на табелата на најзагадените градови во светот.
Освен по загадениот воздух, Скопје е високо рангирано и за уште една работа. На листата 10 европски престолнини за ергенски и момински забави, Скопје е на четврто место, после Лондон, Прага и Софија.
Уште еден рекорд беше урнат неделава. Пропадна тендерот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“. Ова е четиринаесеттиот пропаднат обид за реализација на капиталниот проект кој е готов од 1965 година. Според истиот стар проект, „Чебрен“ треба да произведува над 1000 гигавати струја од вода, значи струја која нема да го загадува воздухот.
Употребата на струја ќе се интензивира во следниот период затоа што метеоролозите најавуваат силен студен бран во втората половина од јануари. Ова ја зголемува цената на гасот на берзите, но ги зголемува и напорите за наоѓање начин да се задоволат потребите за енергенти без при тоа да се доведува во прашање квалитетот на воздухот.
Што се однесува до најавениот студен бран, зимските центри во земјава со радост го очекуваат, дотогаш на социјалните мрежи ќе гледаме слики од нашите пријатели кои дишат чист воздух во центрите од регионот.
За власта, годината почнува со објава на нова инвестиција. ЕМАПТА е австралиска компанија која во земјава планира да вработи 850 млади луѓе. Останува нејасно од каде ќе бидат тие од две причини. Првата причина е тоа што од 2017 до 2022 година, бројот на работоспособни се намалил за 200.000 лица. Втората е што, во Германија и покрај ризиците по растот, пазарот на труд останува отпорен, а само за две години таму отишле 85.000 Македонци.
Растот во регионот во годинава многу ќе зависи од Германија, но ќе зависи и од подготвеноста за меѓусебна соработка, на пример во рамките на ЦЕФТА, договорот за слободна трговија кој во моментов е клинички мртов.
Растот во земјава ќе зависи и од реализацијата на големите проекти (освен „Чебрен“) за што се планирани над 730 милиони евра. Во 2023 година, власта се пофали дека биле реализирани рекордни 97 отсто од планираните расходи по оваа основа, или 707 милиони евра (со есенската прераспределба на парите во буџетот, ставката за овие расходи беше намалена за стотина милиони евра, со иницијалниот буџет за 2023 година беа предвидени над 800 милиони евра – н.з.).
За разлика од неизвесноста околу растот на економијата, растот на каматите и годинава е гарантиран. Од 1 јануари казнените камати се на рекордно ниво по 2010 година. Сигурно за годинава е и дека растот на цената на златото ќе продолжи. Тоа останува да биде сигурно засолниште во услови на висока инфлација.
Сигурна работа е дека за претстојниот божиќен викенд е дека по препорака на Владата, маркетите ќе работат иако Законот за работни односи тоа строго го забранува.
Дали авионите ќе летаат за празникот и по него, е несигурно затоа што оставки најавија трисетина контролори на летање незадоволни од партиските вработувања во М-НАВ.