Неделава ви понудивме повеќе опции за патувања. Пишувавме за опциите во Европа, Африка, Америка, Азија и на Карибите. Нормално е во февруари да ви понудиме вакви содржини, затоа што тој е веројатно најдобриот месец за планирање на одморот за годинава. Има и попусти.
Немојте да мислите дека објавуваме вакви содржини за да ви ставаме сол на раните. Знаеме дека годинава малкумина ќе можат да ја напуштат државата, затоа што, едноставно, немаат пасоши. Државата многу ефикасно најде начин да го реши проблемот со одливот на кадар. Над 650.000 граѓани се врзани во државава и тоа ќе биде така додека властите не набават обрасци со новото име на земјата, име што е постаро од пет години.
Ова е добра вест за домашниот туризам. Лани бројот на домашни туристи се зголемил за незначителни 0,6 отсто. Одвај чекам да ги видам бројките за годинава, ама и цените во нашите туристички места.
Веста дека освен пасоши, немаме ни возачки дозволи, која МВР преку социјалните мрежи ни ја сподели по неделниот ручек, ни предизвика силен стрес, а, како што велат експертите, стресовите се закана за здравјето.
И додека ние ги лекуваме стресовите што ни ги предизвикува државата, Илон Маск најде начин со чипови да ги лекува недостатоците кај луѓето, нашите експерти велат дека тоа може да биде иднината.
Од толку стрес, не забележавме дека стигна Свети Валентин. Свети Трифун не можевме да не го забележиме, нема политичар што не објави слика од закројување лозје. Зедоа ножици в раце и влегоа во нивите, иако, ако сме искрени, поради климатските промени во земјава лозјата во последните години се кројат уште во јануари. До Свети Трифун работата е речиси завршена.
Климатските промени се уште еден од многуте предизвици за иднината. Сè потешко ќе обезбедуваме храна затоа што полека ја губиме земјата што треба да ја произведе. Следниот предизвик се високите цени. Инфлацијата главно забавува, но за ЕЦБ да почне со олабавување на политиките се потребни повеќе податоци.
Предизвици претстојат и пред индустријата. Нашите аналитичари велат дека се можни нови прекини во снабдувањето. Во вакви услови, земјата што има најмногу проблеми и се стекна со статусот пациент во Европа, Германија, почна да тестира четиридневна работна недела. Ние прашавме какви се изгледите за тоа кај нас. Заклучокот е дека скратувањето на деновите за работа ќе остане аманет за идните генерации затоа што уште ги анализираме ефектите од шестдневната работна недела.
Во следниот период ќе се соочиме и со измени во платниот систем, кој ќе стане централизиран и електронски, што значи дека сè ќе биде поефикасно, па и присилната наплата.
Она во што тешко стануваме поефикасни е исполнувањето на целите во однос на користењето обновливи извори на енергија, особено во транспортот - сектор во кој сме на дното во Европа.
Нема причини за оптимизам и кога го портретираме просечниот инвеститор од регионот. Фотороботот што го изработивме заедно со експерти од земјите од регионот покажува дека просечниот инвеститор нема многу финансиски познавања или трпение, а неговите очекувања се преголеми и нереални. А ако е од Македонија, веројатно нема ни пасош ни возачка дозвола.