Поранешниот премиер Димитар Ковачевски им се налути на новинарите и ги потсети дека „пак ќе квицкаат по некои подруми“. Причина за неговата лутина е тоа што новинарите се интересирале за студентскиот оброк. Тој изнесува 140 денари, се исплатува секој ден, од понеделник до сабота. Парите може да се трошат во текот на целиот ден, освен во сабота, кога рокот завршува во 15 часот (тогаш почнува студентскиот „фастинг“, кој трае од сабота попладне до понеделник наутро).
Овие околу 50 евра месечно се повеќе од ништо, вели поранешниот премиер, кој во следната година од државниот буџет ќе троши по 2.500 евра месечно за апанажа и ќе се вози во државна „шкода суперб“. Исто толку пари на располагање ќе има и поранешниот министер Оливер Спасовски, човекот што раководеше со институцијата што ја остави половина држава без лични документи.
Студентските 140 денари дневно стануваат сè помалку. Со нив, во некои маркети, може да се купи една тегла ајвар. Или барем две подобри чоколада, но како што се одвиваат работите на светските берзи, многу брзо количеството ќе се намали. Какаото е најскапо во последните години, а го има и сè помалку поради климатските промени.
За разлика од цените на какаото, на светските берзи годинава се очекува поевтинување на житарките и на маслодајните семиња, што е добра вест за сточарството, велат нашите аналитичари. Но анализата на домашниот пазар покажува дека сточниот фонд во земјава се намалува и од земјоделска се претвораме во земја увозно зависна од храна.
Зависни сме и од увоз на енергенти, ама главно увезуваме поскапи. На пример, цената на гасот во последниот период падна под нивото на техничкиот минимум, а земјава сè уште нема функционален гасовод што би овозможил да се намалат сметките. Функционален нафтовод пак имаме, ама не се користи од бирократски причини.
Она во што можеме да се мериме со подобрите земји се граѓанските обврзници што лани ги емитуваше Министерството за финансии. Неделава ја анализиравме ситуацијата во регионот, каде што овие финансиски инструменти полека се шират. Приносите што одредени држави можат да им ги гарантираат на граѓаните заинтересирани да купат обврзници се многукратно повисоки од оние што можат да се добијат со штедење во банките, а ризиците за граѓаните се исто така многукратно помали. Обврзниците се добра вест и за пазарите на капитал.
А ова беше добра недела за нив. Европските берзи достигнаа рекордни високо нивоа. Тоа е продолжување на трендот што почна на Волстрит, а ѕвезда на неделата останува „Енвидија“, чија пазарна капитализација, по објавувањето на кварталниот извештај, се зголеми за повеќе од 400 милијарди долари годинава.
И македонската просечна плата достигна рекордно ниво на крајот на минатата година. Изнесуваше 40.000 денари или 650 евра, или просечен Македонец треба да работи четири месеци за да стигне до месечната апанажа на Ковачевски и на Спасовски.