Европските банки и фармацевтските гиганти ги поттикнаа европските заработки над очекувањата во првиот квартал, сигнализирајќи за потенцијално подобрување во иднина.Финансиите и здравството се единствените потсектори на индексот MSCI Europe што забележаа раст на профитите и покрај очекувањата за пад.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
„Плати ми побрзо“: Во недостиг од пари, роковите ги пробиваат и фирмите и државата
Финансиските тешкотии на компаниите достигнаа рекорд во 2023 година. Според најновото истражување на „Алијанц“ (Allianz), германска мултинационална компанија за финансиски услуги, трета година по ред компаниите пријавуваат дека имаат сè поголеми потреби од обртни средства, но и сè повеќе проблеми за исплата на обврските навреме.
Законот за финансиска дисциплина во членот 5 предвидува дека деловна трансакција меѓу економски оператори од приватниот сектор не може да се договори на рок подолг од 60 дена. Постојат исклучоци, кога со писмена согласност рокот за плаќање може да се утврди до 120 дена. Законот предвидел дека овие рокови треба да се почитуваат без потсетувања и опомени. Заклучно со првиот квартал од годинава, државата, општините, нивните институции имаат неплатени а достасани обврски во висина од околу 491 милион евра. Од нив, 200 милиони евра се кон приватниот сектор.
Народната банка излезе посилна од инфлацискиот вител
Народната банка во текот на минатата година оствари нето-добивка од 4,9 милијарди денари (81,1 милион евра), што е значително подобрување на резултатот во однос на претходната година, кога банката забележала загуба од околу две милијарди денари (33,6 милиони евра), покажува билансот на успех на централната банка.
Оттаму објаснуваат дека се остварени високи каматни приходи од повисокиот износ на девизни депозити по видување на тековни сметки кај централните банки на земјите членки на еврозоната, пласманите во орочени девизни депозити кај странските банки кај кои се забележа зголемено учество во 2023 година, како и од релативно високите приходи од вложувањата во хартии од вредност.
Анкета на НБМ: Се заоструваат условите за кредитирање
Народната банка ги објави резултатите од новата анкета за кредитната активност според кои има заострување на условите за кредитирање и намалена побарувачка за кредити и кај корпортативниот сектор и кај населението. Во првиот квартал од 2024 година, анкетата укажува на посилно нето-заострување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, во споредба со претходниот квартал. Сепак, голем процент банки (околу 81 процент) укажуваат на непроменети кредитни услови.
Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на претпријатијата, во првиот квартал на годината банките укажуваат дека кај каматната стапка се забележува мало нето-олеснување, при нето-заострување кај големината на заемот или на кредитната линија и барањата за обезбедување. Кај условите „некаматни приходи“ и „достасување на заемите“ не се забележува промена во однос на претходната анкета.
Казакс: ЕЦБ ќе почне да намалува во јуни, но треба внимателност
Сè погласни се очекувањата дека Европската централна банка (ЕЦБ) по речиси две години, на редовниот состанок во јуни ќе го заврши периодот на повисоки основни каматни стапки и ќе почне со намалувањето. Врз основа на податоците, тоа е сосема оправдано, а за таа тема се говореше и на конференцијата што Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја организира заедно со Централната банка на Словенија.
Гувернерот на Банката на Летонија и член на Советот и на Проширениот совет на ЕЦБ, Мартиш Казакс, на прашањето од „Блумберг Адрија“ дали нешто може да го спречи намалувањето на основните каматни стапки што треба да се случи во јуни, претпазливо одговори дека сè уште е потребно да се почекаат податоците за мајската инфлација.
„Мајкрософт“ се соочува со парична казна од Европската Унија поради Бинг
Европската Унија (ЕУ) побара од „Мајкрософт“ да достави информации според Законот за дигитални услуги. „Мајкрософт“ се соочува со можност за парична казна до еден процент од годишниот приход на ЕУ доколку не одговори на барањето за информации до 27 мај. Последицата вклучува еднократна казна до еден отсто од годишниот приход на компанијата и периодични казни до пет отсто од просечниот дневен приход до исполнување на барањето.
Еднократната казна од еден процент од годишниот приход може да изнесува околу 2,1 милијарди долари за „Мајкрософт“, со оглед на неговиот приход од 211 милијарди долари во 2023 година. Периодични казни би биле дополнително финансиско оптоварување, бидејќи тие би се пресметувале секојдневно додека „Мајкрософт“ не го исполни барањето.