Просечната плата во земјава се доближи до 40.500 денари, што е историски рекорд. Растот на годишно ниво изнесува 16 отсто. Платите забрзано растат и во еврозоната. Таму кварталниот раст изнесува 4,7 отсто, највисок е во Германија - 6,2 отсто.
Ваквите податоци создаваат нервоза кај централните банкари пред веќе извесното намалување на каматните стапки во јуни. Според аналитичарите, ова прво намалување ќе се случи, но за следните ќе треба подобро да се размисли.
НБРМ, која вообичаено ги следи потезите на ЕЦБ, неделава ги објави априлските податоци за состојбата со кредитите и депозитите во земјава. Најзначајно од нив е дека кредитните услови се заоструваат, а фирмите во недостиг од пари ги трошат заштедите. На компаниите освен кеш, допрва уште повеќе ќе им фалат луѓе, затоа што македонското население старее и во земјава речиси е еднаков бројот на деца до 14 години и лица над 65 години.
Сепак, за пазарите на капитал ова е добро време. Технолошките гиганти го предводат растот на индексите од Токио до Њујорк. „Енвидија“ ги надмина сите очекувања зголемувајќи ги приходите за трипати.
Поволниот берзански тренд не го одмина ни регионот. Македонскиот берзански индекс МБИ 10 има највисок раст, стои во најновата ББА-анализа. Оттука, логично е дека се зголемува бројот на играчи на берзата, но и растот на примањата на менаџерите во добрите сектори.
Меѓу успешните македонски компании се вбројува и скопската пицерија „Мато наполетано“, која се наоѓа на листата 50 најдобри во Европа. Таа годинава се искачи на 16-то место од ланското 25-то.
Неделава што изминува ја обележи смртта на иранскиот претседател, кој загина во хеликоптерска несреќа. Во несреќата загинаа сите девет патници, а меѓу нив и министерот за надворешни работи на земјата. Оваа вест не влијаеше на движењето на цената на нафтата, но затоа нагорниот тренд продолжи кај бакарот, кој надмина 11.000 долари за тон.
Во земјава, освен постизборните преговори за составување на новата влада, неделава поминува во знакот на потресот во судскиот систем. Еден врховен судија заврши во притвор откако бил фател на дело како прима мито од 10.000 евра, а еден јавен обвинител, за кого се претпоставува дека соработувал со судијата, остана без пасош и одредени му се посебни мерки додека трае истрагата.