Од Илиноис до Охајо, од Њу Брансвик до Нова Шкотска, големи делови од САД и Канада неделава се на удар на топлотен бран што може да ги загрози човековото здравје и инфраструктура. Но, и покрај предупредувањата од владините претставници, метеоролозите и климатските експерти, лесно се занемаруваат опасностите од високите температури.
„Горештината е незгодна“, вели Есте Герати, главен медицински службеник во „Есри“, софтверска компанија за мапирање што вообичаено ја користат владините службеници за да мапираат и да реагираат на екстремната топлина локално. „Таа е наречена тивок убиец и со добра причина“. Герати вели дека е лесно луѓето да не сфатат дека топлината влијае на нив „додека не биде предоцна“.
Во 2023 година, најжешката година забележана досега, болестите поврзани со горештини предизвикаа повеќе од 120.000 посети на итната медицинска помош низ САД, според Менди Коен, директор на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ). Горештините исто така придонесоа за повеќе од 2.300 смртни случаи во САД минатата година, според прегледот на податоците на ЦДЦ што го направи „Асошиејтед прес“. Бидејќи климатските промени продолжуваат да ја прават екстремната топлина почеста и поинтензивна, се очекува тие влијанија да се влошат.
Прочитај повеќе
Топлотен бран во Грција, висока готовност за евакуации
Ризикот од пожари во регионот на Медитеранот се влоши во неколку земји од вчера.
19.06.2024
Но, иако екстремната топлина нема да исчезне наскоро, таа не мора да биде толку смртоносна. Издвојуваме неколку совети за да останете безбедни.
Дознајте го вашиот ризик
Горештината не влијае на сите еднакво, што значи дека еден клучен начин да се подготвите за неа е да откриете дали имате профил на поголем ризик. Групите што се особено ранливи на екстремна топлина вклучуваат доенчиња и мали деца, бремени жени, луѓе на возраст од околу 65 години и постари, спортисти, бездомници, работници на отворено, луѓе со одредени хронични здравствени состојби, како што се срцеви заболувања или дијабетес, и оние што земаат одредени лекови за таквите состојби.
Исто така на ризик се изложени луѓето чиј социоекономски статус ги прави неопремени да се справат со зголемените температури, особено ако немаат клима-уред дома. „Луѓето со ниски приходи, генерално, се повеќе изложени на ризик“, вели Џејн Гилберт, главен директор за екстремна топлина во округот Мајами-Дејд на Флорида.
Користете клима-уред кога е можно
Најдобар начин да останете безбедни за време на топлотен бран е да избегнете изложување на екстремни температури. А најдобриот начин да го направите тоа е да останете во ладен, идеално климатизиран простор.
„За оние со клима-уред, важно е да го користат“, вели Рене Салас, лекарка што работи во рамките на Центарот за клима, здравје и глобална средина на харвардското училиште за јавно здравје „Т.Х. Чан“. „Но, погрижете се да имате резервен план ако останете без струја“.
За оние без климатизација дома, Салас препорачува да го лоцираат најладниот дел од куќата - како што е подрумот или другите пониски нивоа - и да се обидат да го одржат што е можно постуден. Тоа може да се постигне со покривање на прозорците и минимизирање на употребата на сите уреди, како рерните, кои создаваат топлина.
Дури и тогаш може да има момент во кој вашиот дом е премногу топол за да останете во него.
„Ако имате дом што ќе се прегрее до високи 30, 40 или 50 Целзиусови степени, единствениот начин безбедно да поминете низ таков настан е да не бидете во таа внатрешна средина“, предупредува Сара Хендерсон, научна директорка за еколошки здравствени услуги во Центарот за контрола на болести СРД.
За време на топлотните бранови, многу градови во Канада и во САД обезбедуваат „центри за ладење“ - затворени простори, обично климатизирани, кои се отворени за јавноста.
Кога екстремен топлотен бран ја погоди Британска Колумбија во 2021 година, починаа повеќе од 600 луѓе, вклучувајќи и многу постари луѓе што живееја сами без клима-уред во домот. Оттогаш, канадските власти „навистина се обидуваат да ја поттикнат идејата дека треба да обрнете внимание на внатрешните температури“, вели Хендерсон. Таа им препорачува на луѓето „да имаат термометар во домот во секое време“.
Ограничете го времето на отворено
Ако не можете да останете дома цел ден, обидете се барем да избегнувате престој надвор - особено за напорни активности во најжешките делови од денот. „Планирајте како да ги избегнете деновите со висок ризик од горештина“, рече Коен од ЦДЦ во април, за време на прес-конференција за владиното следење на влијанијата од топлината врз здравјето.
Тоа не значи дека не можете да излезете надвор, забележа Коен, но најбезбедно е да „закажете активности на отворено во поладните делови од денот“. Тоа може да значи да вежбате рано наутро или да трчате по зајдисонце. Кога поминувате време надвор, обидете се да избегнувате директно сонце или барем правете чести паузи во сенка.
Облечете се соодветно
За луѓето што мораат да бидат надвор, може да биде корисно „вашата кожа да биде ослободена и да носите широка и светла облека“, вели Салас. Полабавата облека овозможува проток на воздух по телото, што може да помогне потта да испари и да ве излади. Посветлата облека не апсорбира толку топлина како потемната.
Останете хидрирани
Еден лесен начин да избегнете заболување при горештина е „да останете добро хидрирани со пиење вода и да го ограничите пиењето пијалаци што може да предизвикаат дехидрираност“, вели Салас. „Хидрираноста ви овозможува да продолжите да произведувате пот“. Добар показател за хидратација е ако вашата урина е чиста или со светложолта боја, вели таа.
Постарите луѓе не се потат толку многу како младите и средовечните. Слично на тоа, луѓето со одредени хронични состојби може да бидат помалку ефикасни во потењето или може да земаат лекови што можат да го зголемат мокрењето или да предизвикаат дехидрација. Од таа причина, дури и луѓето што не се чувствуваат жедно или не се потат многу, сепак треба да пијат повеќе течности кога е топло надвор.
Водата за пиење е важна бидејќи исто така врши замена на солите изгубени при потење. Спортските пијалаци и другите пијалаци со електролити можат да помогнат. Кофеинските и алкохолните пијалаци, од друга страна, имаат тенденција да предизвикаат поголема дехидрација.
Знајте ги знаците на топлотната болест
Изложеноста на горештина може да доведе до различни видови на болести, почнувајќи од топлотен исип (група мали, црвени плускавци на кожата) и изгореници од сонце (топла црвена кожа, која може да биде болна и со плускавци) до топлотни грчеви и исцрпеност. Особено опасната форма на топлотна болест се нарекува топлотен удар, а луѓето што страдаат од тоа треба веднаш да бидат прегледани од медицински професионалци. Симптомите на топлотен удар варираат, но имаат тенденција да вклучуваат високи температури на телото, брз пулс, топла, црвена, сува или влажна кожа, главоболка, вртоглавица, гадење, конфузија и губење на свеста. Во екстремни случаи, топлотниот удар може да доведе до откажување на органите, па дури и до смрт.
Проверете ги вашите пријатели и семејството
Некои од луѓето најранливи за време на топлотниот бран се оние што живеат сами или не можат да се грижат за себе. „Проверете ги, проверете ги, проверете ги – без разлика дали е тоа некој што е многу подложен на горештина, живее сам со шизофренија или се постари лица со посебни потреби што живеат сами“, вели Хендерсон од ЦДЦ во Британска Колумбија. „Посетувајте го или слушајте се со тој поединец повеќепати на ден, особено навечер, кога има тенденција да биде потопло во затворен простор“.
За да процените како некој што живее сам се справува со топлината, не прашувајте само дали е добро. „Претпоставуваме дека бидејќи луѓето не се жалат, тие се во ред“, вели Глен Кени, професор по физиологија на Универзитетот во Отава, кој ги проучува влијанијата на горештината врз телото. „Тоа е ѓубре“. Наместо тоа, поставувајте прашања како што се: Колкава е температурата во твојот дом? Како спиеш? Ако најдете некој во прегреан дом или во неодржлива ситуација, поттикнете го да побара помош на друго место. Уште подобро, помогнете му да стигне таму.