„Спејс екс“ (SpaceX) лансира ракета во вселената со четворица приватни астронаути, дел од револуционерна мисија чија цел е да се изврши првата комерцијална вселенска прошетка. „Фалкон 9“ (Falcon 9) на компанијата предводена од Илон Маск полета вчера од Флорида. Во мисијата, наречена „Поларис доун“ (Polaris Dawn), е милијардерот Џаред Исакман, а со него летаат водечките инженери на „Спејс екс“, Сара Гилис и Ана Менон, како и пријателот на Исакман и поранешен пилот на воздухопловните сили, Скот Кид Потит.
Најважниот момент на мисијата треба да се случи на третиот ден од летот, кога Исакман и Гилис планираат да излезат надвор на платформата од нивниот вселенски брод „Кру драгон“ (Crew Dragon) и да направат мала прошетка.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Кои акции би можеле да растат по намалувањето на референтните каматни стапки?
Извесно е дека во текот на септември годинава ќе има релаксирање на монетарната политика во САД и Европа односно дека Европската централна банка (ЕЦБ) и Федералните резерви на САД (Фед) ќе ги намалат референтните каматни стапки што би требало да поттикне намалување на трошоците за задолжување односно пад на каматите на комерцијалните кредити.
Со оглед на тоа што трошоците за задолжување играат битна улога во работењето на компаниите, нивните инвестиции и профитните маржи, анализиравме како очекуваното намалување на каматите би можело да влијае на пазарот на капитал односно кои акции би можеле да остварат раст во условно кажано новото монетарно опрукужување.
ББА коментар: Тримесечниот Еурибор до крајот на годината ќе падне до 3 отсто
На овонеделната седница Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја намали каматната стапка на депозитите за 25 базични поени на 3,5 отсто, додека распонот помеѓу каматната стапка на депозитите и стапката на рефинансирање и маргиналното финансирање ќе се намали од 50 базични поени на 15 базични поени во согласност со Одлуката на ЕЦБ од март годинава.
Инфлацијата се лизга кон два отсто на годишна основа, додека цените на производителите продолжуваат да паѓаат, што би требало да се претвори во пониски потрошувачки цени, заедно со пониските цени на нафтата на глобалните пазари.
Кој е кој меѓу брокерските куќи во Македонија?
Во првото полугодие од годинава на Македонската берза беше остварен кумулативен промет од 7,76 милијарди денари (126,2 милиони евра), што е зголемување од 46,22 проценти во однос на првата половина од 2023 година. Зголемувањето на прометот беше добредојдено и за брокерските куќи преку кои се врши тргувањето на берзата и кои заработуваат од реализираните трансакции.
Во Македонија функционираат 10 правни лица кои работат со хартии од вредност од кои пет се брокерски куќи, а останатите пет се банки кои имаат кои имаат посебни оддели за работа со хартии од вредност. Анализиравме кои од нив остваруваат најголем промет и какви се трендовите во нивното работење во првата половина од годинава споредено со истиот период минатата година.
Инфлацијата се доближува до целта од 2 отсто, храната и натаму поскапува
Инфлацијата во август се зголемила за 2,2 отсто, а цените на мало за три отсто споредено со август минатата година.
Во однос на претходниот месец, инфлацијата се зголемила за 0,5 отсто. Во овој период најголем раст бележат цените на храната и безалкохолни пијалаци, за 1,2 отсто.
„Епл“ и „Гугл“ ги загубија судските спорови со ЕУ
„Епл“ и „Гугл“ ги загубија споровите пред Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург. Пресудите против технолошките гиганти беа изречени вчера.
Во случајот со „Епл“, компанијата ја изгуби судската битка тешка 13 милијарди долари за даночните олеснувања што ги доби во Ирска, што е дел од европските намери за спречување на државите да им доделуваат помош на големите компании.