Дарон Аџемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон се добитници на годинашната награда на шведската централна банка во спомен на пронаоѓачот Алфред Нобел во областа на економијата, беше објавено во понеделникот. Турско-британско-американското трио ја заслужи наградата за трудот што ги објаснува причините зад разликите во богатството на одделни земји, односно за објаснувањето „како се формираат институциите и како влијаат на просперитетот“.
„Најбогатите 20 проценти од државите во светот сега се околу 30 пати побогати во однос на најсиромашните 20 проценти. Дополнително, разликите во приходите помеѓу најбогатите и најсиромашните држави не се менуваат; иако најсиромашните држави се збогатиле, тие не успеваат да ја намалат разликата со богатите“, се напоменува во соопштението во објавата за наградата.
Годинашните лауреати пронашле нови и уверливи докази барем за едно важно објаснување зошто таа разлика не се намалува, а тоа се разликите во државните институции. За да докажат дека навистина постои причинско-последична врска, Аџемоглу, Џонсон и Робинсон ја преиспитале европската колонизација на голем дел од светот.
Прочитај повеќе
Таткото на вештачката интелигенција меѓу добитниците на Нобеловата награда
Еден од највлијателните академици во областа на вештачката интелигенција, Џефри Е. Хинтон, е награден со Нобеловата награда за физика.
08.10.2024
Професор од МИТ: Вештачката интелигенција ќе замени само 5 отсто од работните места
Иако вештачката интелигенција ветува многу, Дарон Аџемоглу вели дека е малку веројатно таа да ги исполни тие очекувања.
03.10.2024
„Важното објаснување за денешните разлики во просперитетот се политичките и економските системи што колонизаторите ги донеле со себе или ги затекнале и ги оставиле, од 16 век до денес. Лауреатите покажуваат како тоа довело до пресврт во богатството“, пишува во објаснувањето за наградата.
Кога Европејците го покорувале светот, постојните институции понекогаш драстично се менувале, но не насекаде на ист начин. Во некои колонии целта била искористување на домицилното население и на природните ресурси во корист на колонизаторите. Во други случаи колонизаторите граделе инклузивни политички и економски системи за долготрајна корист на европските имигранти.
Една од важните причини што влијаеле на видот на колонијата била густината на постојното население на подрачјето што било колонизирано. Колку погусто било населението, можело да се очекува поголем отпор. Од друга страна, откако домицилното население било покорено, тоа претставувало примамлива можност за евтина работна сила. Тоа резултирало со тоа што во густо населени колонии доаѓале помалку европски имигранти.
Подрачјата што биле поретко населени им давале помал отпор на колонизаторите и имале помалку работна сила за искористување, па таму се населувале повеќе Европејци. Тоа влијаело на типовите политички и економски системи што би се развиле.
Број на колонизатори
Таму каде што имало малку колонизатори, во густо населени подрачја, тие ги преземале или поставувале институциите што го искористувале богатството фокусирајќи се на збогатување на локалната елита на штета на пошироката популација. Таму не постоеле избори, а политичките права биле многу ограничени.
Наспроти тоа, колонии со многу колонизатори-имигранти требало да имаат инклузивни економски институции што ги поттикнувале доселениците на работа и инвестирање во својата нова татковина. Тоа водело кон воспоставување политички права што им давале и удел во профитот. Секако, тогаш сè уште не станувало збор за демократии, но во споредба со густо населените колонии, каде што имало малку Европејци, доселеничките колонии нуделе значително повеќе политички права.
Иницијалните разлики биле многу важна причина за денешните разлики во богатството на земјите. Лауреатите го покажале тоа преку примерот со градовите Ногалес, кои се делат помеѓу Соединетите Американски Држави и Мексико. Разликите во просперитетот на различните страни на границата се последица на институциите што ги вовеле колониите што подоцна станале Мексико и оние што подоцна станале САД. „Сличен образец се повторува низ целиот свет и нема врска дали колонизаторите биле Британци, Французи, Португалци или Шпанци“, се наведува во објаснувањето за годинашните добитници на Нобеловата награда за економија.
Парадоксално, тоа значи и дека делови од колонизираниот свет што биле релативно богати пред 500 години денес се сиромашни и обратно. Во тогаш најсиромашните и најретко населени колонии, европските колонизатори воспоставувале институции што поттикнувале долготраен просперитет. Во богатите и густо населени колонии, институциите биле експлоатациски и на локалното население му носеле малку или ништо.
Меѓу појавите што ги следеле економистите за дополнително да ја појаснат врската помеѓу институциите и просперитетот била и смртноста на доселениците. Таму каде што локалните болести биле најопасни за европските доселеници денес се наоѓаат дисфункционални економии, па владеат сиромаштија и корупција. Таму каде што морталитетот бил понизок, како Австралија или Нов Зеланд за британските колонизатори, денес се наоѓаат побогати општества.
Аџемоглу, Џонсон и Робинсон покажаа постоење на причинско-последични врски: институциите што се создадени за да го искористуваат локалното население се лоши за долгорочен просперитет, додека оние што се создадени за основни економски слободи и владеење на правото се добри. Тројката исто така покажа како воспоставените политички и економски институции имаат тенденција на долг опстанок.
Откако ќе се исцрпи краткорочната добивка, на елитите би им одговарало да воведат институции насочени кон доброто на сите. Па, зошто тогаш не ги воведуваат? Промената на системот што би овозможила поправедни институции би значела и губење на економските привилегии што ги имаат елитите. Поради тоа, тие се противат на воспоставување политички системи што би им овозможиле смена на властодршците што не ги исполнуваат своите ветувања. Државите тогаш се наоѓаат во замка на вечна експлоатација, која долгорочно значи сиромашни маси и богата елита.
Новопечените нобеловци истакнуваат дека промените се можни, но само кога елитите ќе бидат загрозени од народните маси. Тогаш се избира помеѓу оружена револуција или мирно предавање на власта, односно промена на политичкиот систем во демократски. Заканата е всушност поголема кога станува збор за мирна (р)еволуција, бидејќи таа дозволува поголемо учество на незадоволните маси. „Во тие случаи единствената можност на елитата е предавање на власта и воведување демократија“ се објаснува во соопштението на наградата што ја заслужија Робинсон, Џонсон и Аџемоглу.
Дарон Аџемоглу е роден во Истанбул, а докторирал на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ). Денес е професор на познатиот Институт за технологија во Масачусетс (МИТ). Сајмон Џонсон е роден во Шефилд, Велика Британија, и исто така е професор на МИТ, каде што и докторирал. Џонсон е и поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд. Третиот член на нобеловската екипа е Американецот Џејмс Робинсон, кој предава на Универзитетот во Чикаго, а својот докторат го одбранил на „Јејл“.
Од првото прогласување на лауреатите во 1969 година, наградата за придонес во економските науки е доделена 56 пати. Меѓу добитниците се наоѓаат многу познати глобални економски имиња, како поранешниот шеф на американските Федерални резерви Бен Бернанке, потоа Пол Кругман, Џозеф Стиглиц и Пол Самјуелсон.