Русија соопшти дека спречила напад со две беспилотни летала врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин во Кремљ во вторникот вечер, при што за нападот ја обвини Украина.
Беспилотните летала биле соборени во Кремљ без да предизвикаат повреди или штета, се наведува во соопштението на властите. Во него се додава дека Путин не е повреден.
„Овие акции ги разбираме како планиран терористички акт и обид за убиство на претседателот“, се наведува во соопштението. Кремљ не обезбеди никакви докази за нападот, а Украина засега не ја коментираше веста.
Непосредно пред соопштението на Кремљ, градските власти во Москва издадоа наредба со која се забранува употреба на беспилотни летала во главниот град, објави државниот информативен сервис „Тасс“.