Главниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на изборите, кои ќе се одржат в недела, обвини неидентификувана руска група за мешање во она што се очекува да биде најтешка претседателка трка во последните децении.
„Руски пријатели, вие стоите зад заговори, дипфејк-содржини и ленти“, посочи Кемал Киличдароглу, претседателскиот кандидат на главната турска опозициска алијанса, во порака на руски и турски јазик објавена на Твитер. „Ако сакате нашето пријателство да продолжи и по 15 мај, држете ги рацете подалеку од турската држава“.
Иако канцеларијата на Киличдароглу не посочи докази што би ги поткрепиле неговите тврдења, официјални лица велат дека неговиот тим е убеден дека руски хакери стојат зад манипулирањето на видеото од кампањата на кое, наводно, се гледа како висок командант на сепаратистичката курдска милитантна група ПКК ја поддржува кампањата на Киличдароглу.
Видеото беше постојано користено од страна на Ердоган во неговата кампања за поврзување на Киличдароглу со ПКК, која од 1984 година се бори за автономија во југоисточниот дел на Турција.
Коментарите на Киличдароглу - кои следуваат по наводите за мешање на Русија во изборите во повеќе земји, од САД до Црна Гора, дојдоа само неколку часа откако друг претседателски кандидат, Мухарем Инџе, се повлече од трката и ги негираше автентичноста на наводната секс-снимка и тврдењата дека зел мито за да ги раздели гласовите на опозицијата.
„Имаме многу сериозни разузнавачки информации за руски хакери што се мешаат во изборите за да продуцираат лажни снимки и манипулации преку профили на социјалните мрежи“, изјави Ердоган Топрак, висок советник на Киличдароглу, за „Блумберг“ во петокот.
Тесни врски
Под водство на Ердоган, Турција разви блиски врски со Кремљ. Русија ја гради првата нуклеарна централа во земјата и ја снабди турската војска со ракетни одбранбени системи „С-400“, потег на кој жестоко се противат САД и НАТО.
Кремљ не одговори веднаш на барањето за коментар на изјавите. Турската влада соопшти дека не знае за таков инцидент. „Турската држава нема такви информации и тој не изрази таков страв“, изјави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу за телевизијата „Си-ен-ен Турк“ (CNN-Turk) во петокот, мислејќи на Киличдароглу.
„Путин активно ја поддржуваше кандидатурата за реизбор на Ердоган, фалејќи го, давајќи му дипломатски победи, испраќајќи пари во Турција и одложувајќи ја наплатата за енергенти“, рече Емре Пекер, директор за Европа за „Евроазија груп“ (Eurasia Group). „Во услови на долгогодишна загриженост на опозицијата за руско сајбер-мешање во турските избори, не е изненадување што Киличдароглу ја спомена Москва“.
Киличдароглу вети дека ќе ги поправи заладените врски на Турција со нејзините западни сојузници предводени од САД доколку биде избран. Тој минатата недела посочи дека опозицијата има разузнавачки информации што сугерираат дека може да биде цел на социјалните мрежи преку лажни звучни или видеоснимки.
„Интервенцијата на Киличдароглу го означува обидот на опозицијата да ги спречи потенцијалните чекори на Ердоган за омаловажување на опозицијата - особено поврзувајќи ја со тероризмот“, вели Пекер.