Русија планира огромно зголемување на трошоците за одбрана следната година, бидејќи инвазијата на претседателот Владимир Путин на Украина продолжува да ги менува нејзината економија и приоритетите за финансирање.
Трошоците за одбраната ќе сочинуваат 6 отсто од бруто-домашниот производ на земјата во 2024 година, од 3,9 отсто во 2023 и 2,7 отсто во 2021 година, според нацрт-буџетските планови видени од „Блумберг њуз“. Се предвидува дека тајните трошоци за класифицирани или неодредени ставки ќе се удвојат.
Еволуцијата на рускиот буџет за време на војната ги покажува променливите приоритети на владата во услови на борби што бараат голема финансиска жртва. Расходите за одбрана се планира да ги надминат социјалните трошоци следната година, иако Кремљ се подготвува за претседателски избори во март, во време кога економијата е под притисок од невидени меѓународни санкции.
Според нацрт-предлозите за кои владата ќе разговара в петок, трошоците за одбрана ќе се зголемат на 10,8 билиони рубли (112 милијарди долари) во 2024 година од 6,4 билиони рубли годинава. Прогнозираниот буџет за одбрана ќе биде тројно поголем од 3,6 билиони рубли што беа распределени во 2021 година, последната година пред да ја започне Путин инвазијата во февруари 2022.
Класифицираните расходи ќе се зголемат на 11,1 билиони рубли од 6,5 билиони за 2023 година. Тоа би претставувало 30 отсто од вкупните буџетски трошоци, што го удвојува тајниот удел од историскиот минимум од 14,9 отсто во 2021 година.
Расходите за социјалните политики е планирано да достигнат 7,5 билиони рубли во 2024 година, од 6,5 билиони во 2023 година. Нацрт-буџетот предвидува вкупните расходи во 2024 да изнесуваат 36,6 билиони рубли, што е за 15 отсто повеќе од оваа година.
Сепак, Русија е оптимист за иднината.
И покрај големите трошоци за војната и влијанието на санкциите, владата гледа приходи во износ од повеќе од 35 билиони рубли, што е за 22 отсто повеќе од 2023 година, а дефицитот се преполовува на 0,9 отсто од БДП во 2024 година од 1,8 отсто годинава. Се очекува дефицитот да продолжи да се намалува на 0,4 отсто од БДП во 2025 година.
Приходите од нафта и гас се очекува да пораснат речиси за една четвртина следната година до 11,5 билиони рубли во 2024-та.
Фискалниот нацрт треба да биде одобрен од двата дома на парламентот, а потоа да биде потпишан од претседателот за да стане закон.