Скопје е домаќин на министерскиот совет на ОБСЕ. Во градот владее вистинска празнична атмосфера. Администрацијата седи дома, училиштата и факултетите се затворени, улиците празни, хеликоптерите вртат цел ден. Денот само случајно се совпадна со еден некогашен празник, па на некои им разбуди спомени. И додека македонската делегација не стигна навреме на тој некогашен настан во Јајце, сегашниот е прецизно организиран.
На состанокот две личности се топ ѕвезди. Американскиот секретар Ентони Блинкен, кој дојде во земјава на неколку часа, присуствуваше на неформална вечера и замина за Израел за да обезбеди продолжување на примирјето во Појасот Газа.
Втората ѕвезда е рускиот министер Сергеј Лавров, кој по низа перипетии околу маршрутата пристигна во земјава. Ова е прва негова посета на земја членка на НАТО по почетокот на војната во Украина. Пред да слета, неговата портпаролка се пофали дека има многу барања за средби со него, претходно пак имаше и многу откажувања токму поради него.
Во исто време со самитот во Скопје, почна и многу поголемиот самит КОП28 во Дубаи. За разлика од 1.000 учесници во Скопје, во Дубаи ќе има 70.000 учесници. Таму се дискутира за едно од најважните прашања на денешницата – климатските промени, исполнувањето на климатските цели за забавување на глобалното затоплување, за намалување на употребата на фосилни горива, за енергетската ефикасност.
Зафатени со ОБСЕ и со КОП, речиси го заборавивме владиниот најнов пакет за помош на граѓаните и на фирмите. Ама има време, изборите се дури во мај. Ќе нè потсетат на сите ставки во него. Дотогаш, граѓаните со многу интерес ќе се информираат за можностите за вработување во Словенија.
Кога сме кај антикризните мерки, над 50 милиони евра од пакетот се предвидени за учениците, студентите и за пензионерите. Ќе има субвенции и за компаниите што ќе ги зголемуваат платите. Нема процена како ќе влијае тој на потрошувачката, а со тоа и на инфлацијата.
Кога сме кај потрошувачката, неделава анализиравме како работат трговските центри во регионот и какви се резултатите на „Скопје сити мол“ и на „Ист гејт“ во однос на другите од регионот. Прогнозата на нашите аналитичари е дека потрошувачката ќе расте.
А пари има, не само од домашниот буџет туку и од Европската Унија, ама за тоа се потребни проекти и реформи, кои нашата администрација досега не успеваше да ги испорача.
Вчера на стогодишна возраст почина Хенри Кисинџер, американскиот дипломат што ја отвори Кина и ги затопли односите на САД со некогашен СССР. Илон Маск, и покрај сите негови пари, не успеа да стекне дипломатски вештини, па сега мора да пцуе.