Лидерите на НАТО се собраа во Анкара оваа недела со цел да го импресионираат Доналд Трамп со низа договори за одбрана и планови за трошење. Идејата беше да му ја покажат на американскиот претседател нивната посветеност за модернизација на армиите.
Тој си имаше своја агенда. Кажа дека примирјето со Иран се распаѓа, ги подобри односите со Зеленски, повтори дека Гренланд сè уште му е слаба точка и гласно потсети дека не ја сака Шпанија поради нејзиниот премиер.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Македонците се фрлија на трошење - поттик за БДП, ама и за инфлацијата
За пет месеци од оваа година прометот во малопродажбата е за околу 200 милиони евра поголем од лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во оваа сума не влегуваат парите потрошени за моторни возила и мотоцикли.
Реалниот раст на малопродажбата во мај 2026 година изнесува 7 отсто на годишно ниво и ова е најголем раст од почетокот на оваа година.
ББА анализа: Какви се перспективите за пазарите на државни обврзници во регионот Адрија?
Во текот на 2026 година, глобалните пазари на обврзници се карактеризираа со зголемена нестабилност, поттикната од комбинација на геополитички случувања и променливи очекувања за политиките на централните банки, во голема мера во согласност со динамиката забележана на пазарите на капитал.
Геополитичките тензии, особено на Блискиот Исток, периодично предизвикуваа движења за избегнување на ризик, што доведе до остри, но краткотрајни падови на приносите пред повторно да се потврдат макроекономските и политичките очекувања. Монетарната политика беше другиот клучен двигател на нестабилноста.
Од Црниот понеделник до Иран, златото паѓаше секој пат - што е различно овој пат?
Златото падна под психолошката граница од 4.000 долари на крајот на јуни, што ги потресе пазарите и дел од инвеститорите кои го сметаа за знак на тревога и претпазливост. Сепак, поискусните знаат дека ваквите корекции не се невообичаени.
Почнувајќи од Црниот понеделник во 1987 година, преку пукањето на дот-ком балонот, глобалната финансиска криза и пандемијата, па сè до војната во Иран, златото постојано поминуваше низ остри падови, но потоа релативно брзо се опорававуваше.
Сопствениците на бродови ги пресметуваат ризиците за транзит низ Ормуз
Сопствениците на бродови дадоа мешана слика за нивната подготвеност да продолжат со транзит низ Ормускиот Теснец откако претседателот Доналд Трамп рече дека примирјето меѓу САД и Иран е „завршено.“
Од пет сопственици анкетирани од „Блумберг“, чии бродови минале низ овој витален канал за проток на енергија во последните недели, тројца рекоа дека проценуваат дали сè уште е безбедно да се транзитира, додека двајца рекоа дека засега не ги промениле своите политики.
Европските обврзници паѓаат, растот на цената на нафтата повторно го разгорува стравот од инфлација
Европските обврзници паднаа, испраќајќи ги трошоците за задолжување на Франција на највисоко ниво од 2009 година, додека цените на нафтата и инфлациските очекувања се зголемија откако претседателот Доналд Трамп прогласи крај на примирјето со Иран.
Приносите на германските десетгодишни обврзници пораснаа за осум базични поени на 3,07 отсто, највисоко во речиси еден месец и се во континуиран раст осми ден по ред - најдолга серија од јануари. Францускиот долг претрпе уште поголем удар, дополнително оптоварен од политичката неизвесност по одлуката на Марин Ле Пен да се кандидира на претседателските избори следната година. Американските десетгодишни приноси беа повисоки за три базични поени на 4,58 отсто, највисоко во речиси два месеца, додека доларот зајакна во однос на повеќето валути од групата Г10.